Македонија е земја со непроценливо културно наследство во чија заштита со години наназад свое огромно и значајно учество има Европската унија која преку разни програми и проекти – ИПА, европски структурни и инвестициски фондови, прекугранична соработка, Еразмус проекти за младите ни помага да го промовираме и да го сочуваме.
Не така одамна бевме сведоци дека токму со пари од Европската унија, 300.000 евра се реновираа ѕидините и амбиентот околу средновековниот манастирски комплекс Свети Пантелејмон во Нерези изграден во 1164 година. Храмот посветен на заштитникот на лекарите Пантелејмон е најстара зачувана црква во Скопје и околината и е една од најубавите споменици на средновековната уметност.
Фреска: Оплакување на Христос – споменик: Црква Св. Пантелејмон, Нерези
Преданијата велат дека на ѕидовите на овој споменик на културата е сочувано фрескосликарство, коешто по своите квалитети се вбројува меѓу врвните дострели на византиското сликарство од времето на династијата Комнини. И кога ќе се потсетите на овие факти кои прв пат сте ги слушнале уште како дете во училишните клупи од срце ви доаѓа оваа грижата за нашето културно богатство да ја наградите со длабок наклон и респект „ Thank you Europe!“ .
Во овој контекст, не може, а да не се спомене дека во изминатите неколку години преку проектот „Смарт-кул-тур“ се искористени речиси 600 илјади евра за реконструкција и подобрување на просторот во Хераклеја. Со оваа поддршка од Европската Унија со прекуграничната соработка на општините Битола, Преспа, Пустец и Корча се зголемува и регионално значење на Хераклеја како комплекс, но соработката и комуникацијата на раѓаните од двете страни на границата.
ЕУ се грижи и за наследството на своите кандидатки
Македонското културно наследство, македонскиот идентитет, македонскиот јазик се дел од европското наследство, ЕУ тоа го признава, верификува и вложува во нивната заштита, вели Бојан Маричиќ, вицепремиерот за европски прашања потсетувајќи дека Европската Унија се грижи за зачувување и развој на културното и на духовното наследство не само на своите народи. туку и на државите кандидатки.
Малку луѓе знаат дека обновата на манастирот Сврти Пантелејмон е европски проект од прекуграничната соработка со Косово. Тоа е доказ дека ЕУ вложува во целото наше општество и целата наша земја, вели Маричиќ.
Според него Европската Унија е најуспешниот проект кој светот го има видено после Втората светска војна.
„ЕУ е мировен проект којшто обезбеди траен мир во Европа, ЕУ е политички проект кој се базира на вредности на човекови права, слободи, владеење на правото, силни институции, демократија. Европската Унија е и економски проект, велат економско чудо. И тоа можеме да го видиме од оние држави кои пред 20 или 30 години беа во преговарачкиот процес, а денеска се држави развиени и членки на Европската унија. Да ја земеме за пример Чешка, таа е држава која оваа година стана не само држава која зема пари од европскиот буџет, туку придонесува и дава пари во европскиот буџет“, рече Маричиќ во изјавата дадена при посета на манастирот „Свети Пантелејмон, а во рамките на кампањата на Секретаријатот за европски прашања „Ние сме Европа“.
Македонија има 1 милијарда од ИПА за 15 години , а Хрватска 25 милијарди за 10 години
Главен инструмент со кој ЕУ го поддржува спроведување на сите неопходни реформи за исполнување на критериумите за членство е Инструментот ИПА (IPA-Instrument for preaccession assistance).
Ако се направи хронолошки преглед може да се види дека вкупниот финансиски пакет за ИПА I, според достапни податоци на Секретеријатот за европски прашања (СЕП), за периодот 2007.-2013 бил 615,1 милиони евра, додека за ИПА II за периодот 2014.-2020. година изнесувал 664,2 милиони евра или 320 евра по глава на жител.
Дополнително на овој пакет познат и како национална ИПА, Македонија користи средства од Прекугранична ИПА (Cross-border) која, според информации од СЕП ја покрива соработката меѓу две соседни држави од Западниот Балкан (во случајот Македонија-Србија, Македонија-Косово, Македонија-Албанија) како и од Повеќекорисничката ИПА (Multi-country) во износ од 2.98 милијарди евра која ја надополнува националната поддршка преку интервенции на регионално ниво во четири оски: хоризонтална поддршка за секторски политики и реформи, регионални структури и мрежи, регионални инвестиции и територијална соработка.
За соработка со соседните држави кои се членки на Унијата, постојат посебни програми т.н. Interreg IPA CBC програми, финансирани од ИПА и од ЕРДФ.
Инаку, основната цел на компонентата за прекугранична соработка, гледано од аспект на стекнувањето со одржливо знаење за користењето на ЕУ фондовите, е да ги подготви земјите-кориснички на ИПА за создавање на ефикасни заеднички Оперативни структури, кои ќе создадат критична маса на практично искуство во програмирањето и спроведувањето на заеднички прекугранични Оперативни Програми.
„Ова, од своја страна, е неопходен услов за подоцнежното ефективно и безбедно управување на претстојните, далеку пообемни и посеопфатни Структурните и Кохезиониот фонд на ЕУ, кои доаѓаат во т.н. post-accession фаза. Од аспект на придобивките на самите погранични региони (кои се и суштински предмет на самите активности во рамките на овие Програми за прекугранична соработка), примарна цел на оваа Компонента од Инструментот ИПА е да ја негува стабилноста, безбедноста и просперитетот, нарочно во пограничните, неретко маргинализирани региони на соседните држави-корисничјки. Ова претставува заеднички интерес на засегнатите земји, и, помеѓу другото, го охрабрува прекуграничниот хармоничен, избалансиран и одржлив развој“, се вели во објаснувањето за суштината на програмите за прекугранична соработка што може да се најдат на веб страницата на СЕП.
Македонија учествува во четири ИПА Програми за прекугранична соработка: две програми со земјите членки на ЕУ, соодветно, со Бугарија и со Грција (која претходно се одвиваше во рамките на Програмата КАРДС), и, соодветно, во две програми со нејзините соседни земји–ИПА Кориснички, односно со Албанија и со Косово.
– Ако сега користиме 1 милијарда евра преку ИПА проектите за 15 години, кога ќе бидеме држава членка на ЕУ ќе користиме од структурните и кохезионите фондови 1 милијарда годишно, тоа е огромна разлика. За изминатите 15 години ние имаме 1 милијарда, а Хрватска откако е членка за 10 години има искористено 25 милијарди евра. Затоа е возможно да се денес во еврозоната, затоа е возможно да се денес во шенген зоната, затоа нашите млади луѓе денес одат да работат во Хрватска. РСМ без дилеми припаѓа во ЕУ. Нашите граѓани без дилеми сакаат да бидат дел од ЕУ. Нашето економско чудо, нашиот политички развој и нашиот мировен проект е можен само во ЕУ“, смета Маричиќ.
Младите амбасадори преку „Еразмус плус“ градат мостови за европска соработка
Програмата Еразмус Плус е потврден меѓународен амбасадор на нашата држава! Градиме мостови на европска соработка! Ова не е само мото кое може да го прочитате на Фејсбук страницата на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност кое е движечката сила на тимот кој успешно работи на промоција и спроведување на европските програми во областа на образованието, обуката, младите и спортот во Македонија, тоа се факти содржани и во извештајот на Европска комисија за искористеноста на програмата Еразмус Плус во 2022 година кој ги потврдува позитивните резултати на нашата земја.
Токму извештајот на ЕК потврдува дека 11 673 странски државјани учествувале на мобилности реализирани преку програмата Еразмус Плус 2021-2027 година на територија на Северна Македонија. Преку овие активности учесниците ја запознаваат културата и традицијата на нашата земја, гостопримството на македонскиот народ, директно ги трошат грантираните финансиски средства во нашата национална економија, а позитивните искуства ги споделуваат во сопствените држави.
„Мобилностите директно влијаат кон заедничкото работење, учење и споделување добри практики, развивање на вештините, како и интернационално вмрежување. Позитивните резултати од оваа програма во континуитет ги чуствува македонското општество, а Националната агенција продолжува да биде двигател кон квалитетни промени во интерес на сите“, велат од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во пораките што ги испраќаат до младите преку социјалните мрежи и во јавните настапи и презентации.
Македонија може да се пофали и со рекорден број на македонски Еразмус Плус учесници во 2022 година:
„ 10.063 ученици, студенти, наставен кадар и други учесници од Северна Македонија учествувале на мобилности во странство што е пораст од цели 68% само во споредба со претходната 2021 година.
„Можностите кои ги нуди програмата #ErasmusPlus директно влијаат на позитивниот развој на учесниците во насока на градење на сопствените капацитети, нови иновативни знаења и алатки, подобри јазични вештини, меѓународно вмрежување, можности кои директно влијаат на поквалитетен образовен систем во целина. Националната агенција е препознатлив и доверлив партнер кон сите потенцијални учесници, а официјалните резултати во континуитет го потврдуваат тоа“, порачува Националната агенција за образовни програми и мобилност.
Инаку, Агенцијата е јавна институција која со остварување на овие програми придонесува во развојот на заедницата како општество засновано на напредно знаење, со одржлив економски развој, повеќе и подобри работни места и поголема социјална кохезија, истовремено обезбедувајќи заштита на средината за идните генерации а особено размена, соработка и мобилност во областа на образованието и обуката.
Корисници на програмите можат да бидат ученици, студенти, наставници, професори обучувачи и друг персонал кој е вклучен во било кој дел од образовниот процес, претпријатија и други правни лица вклучувајќи ги и трговските друштва, стопанските комори и други здруженија на правни лица од областа на индустријата, истражувачки центри и тела како и здруженија на граѓани и фондации.
Поранешните европски програми „Доживотно Учење” и „Млади во Акција” во Република Северна Македонија беа имплементирани од страна на Националната агенција во периодот од 2008 – 2013 година, а од 2014 година активностите од акциите во рамките на овие програми преминуваат во новата програма Еразмус +.
Еразмус + е името на новата програма која ги обединува ЕУ програмите за образование, обука, млaди и спорт во периодот 2014-2020“,
Повеќе од 10. 000 студенти и наставен кадар од нашата земја учествувале на мобилности во странство само во 2022 година. Станува збор за пораст за цели 68% во споредба со 2021 година, според објавени информации на националната агенција.
На овој начин им се отвораат вратите на студентите кон светот – запознаваат нови култури, ги прошируваат своите знаења, го усовршуваат јазикот и создаваат нови пријателства и контакти.
Според Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Еразмус+ ги надминува границите, поттикнува различност и влева чувство на заедничка цел, а со членството во ЕУ на младите ќе им се отворат уште повеќе нови можности за нивен образовен и професионален развој дома. Тоа ќе донесе зголемување на вработливоста на младите,конкурентност на пазарот на трудот и афирмација на младите во општетсвото.