Во текот на минатата 2023 година на подрачјето на СВР Тетово евидентирани се вкупно 132 кривични дела поврзани со семејно насилство од кои 71 во тетовскиот регион, а 60 на гостиварското подрачје. Вкупната бројка е за 21 дело помалку во споредба со претходната година.
-Повеќе од половината од овие дела (ТЕ-38 и ГВ-37) биле со нанесување телесни повреди. Во ланските кривични дела вкупно бил инволвиран, односно пријавен 131 сторител, а најголемиот број од нив се целосно расчистени и заокружени со 113 кривични пријави. Меѓу сторители и натаму се најбројни машките лица (122), претежно сопрузи, поранешни, вонбрачни сопрузи, татковци, синови и други, а се среќаваат и 9 женски лица-сторители на ваков вид насилство. Бројот на „жртвите“ на семејно насилство во овој период, пак, изнесувал 130, од кои дури 106 биле женски лица (сопруги, поранешни, вонбрачни, мајки, сестри), како и 24 машки лица, најмногу татковци и синови, вели портпаролот Марјан Јосифоски.
Според анализата на податоците за 2023 година најчести причини за овој вид насилство, според досегашните сознанија и професионални искуства на СВР Тетово, се нервните растројства, разните пороци, а пред сè алкохол, дрога и друго.