Со влезот на стратешките енергетски инвестиции ќе се зголеми енергетската независност на земјава и сметките за парно ќе се преполоват изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) во интервју во утринската емисија на Слободен печат.
„Одлично е што ќе имаме конечно француска инвестиција и заедно со реализацијата и на грчката инвестиција во енергетиката граѓаните може да очекуваат стабилни сметки за струја и пониски сметки за топлинска енергија. Во исто време поради ниската цена ќе се зголеми интересот за приклучување кон мрежата за топлинска енергија и ќе се ослободат количини што ЕСМ ги произведува на ниво од два блока во РЕК Битола. ЕСМ ќе може да продава струја на берза и парите да ги насочи кон инвестиции. Концептот на приватни инвеститори во случајов стратешки е применуван секаде во Европа. Тоа е модел каде приватниот инвеститор гради енергетскиот капацитети, а енергенсот се откупува по однапред утврдена цена што е пониска од онаа што ја има ЕСМ. Сега ЕСМ ја продава струјата на ЕВН хоме по цена од 58 евра за Mw/h, додека од стратешките партнери ќе изнесува 55 евра за Mw/h. Внимавајте при што доминантно струја е од РЕК Битола од јаглен, чие производство ќе поскапе поради данок од ЕУ од 70/80 евра за Mw/h што значи дека цената ќе достигне до 150 евра. Дај боже да има уште повеќе инвеститори и од увозна земја ќе станеме земја што извезуваме струја. Само во 2023 ја преполовивме количината што се увезува поради приватните инвестиции и тоа е одлична работа„ изјави Бислимоски.
За две години издадени се лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со инсталиран капацитет од скоро 600 MW и тоа се инвестиции на приватниот сектор претежно од фотоволтаични централи потенцираше Бислимоски.
„Она што е направено во независна Македонија кога енергетиката е во прашање е околу 85% приватна инвестиција. Државната ЕСМ ја има направено Козјак односно ХЕЦ СВ Петка и ветерната електрана во Богданци што е вкупно 140 MW, додека останатите околу 900 MW.
Тезата дека државата треба да гради енергетски капацитети е легитимна, но поради енергетската криза ЕСМ обезбедува субвенционирана цена за граѓаните и е во загуба – добива пари од буџет. Сега ќе може да ја задржи ниската цена, граѓаните да добиваат и пониски сметки “ посочи Бислимоски.