Во пресрет на најавениот студентски протест денеска пред МОН, министерот за образиование и наука Јетон Шаќири на Фејсбук објави дека сите студенти кои ги исполнуваат условите, на своите сметки ги имаат добиено парите за стипендија.
Во објавата тој ги повикува студентите да не дозволат да бидат манипулирани од дезинформации и злонамерни повици и својата енергија, како што вели, да ја насочат кон подобри резултати на испитите во февруарската сесија.
-Драги студенти, додека го читате овој пост на вашата сметка ги имате средствата за стипендија сите вие студенти кои ги исполнивте условите за продолжување и ретроактивното плаќање со спогодба. Искрено сакам да изразам благодарност до сите сектори низ кои се одвива процесот на стипендиите додека не стигнат до вас. Ве повикувам да ја искористите концентрацијата и енергијата за поголем успех на испитите кои ги имате оваа недела, апелирам да не дозволите да бидете манипулирани од дезинформации и злонамерни повици. Со среќа, напиша Шаќири на својот фејсбук-профил.
Потсетува и дека е зголемен износот за студентскиот оброк и на стипендиите и платена е и разликата на стипендиите за претходниот период со што, додава тој, „докажавме дека работиме посветено за студентите“.
За попладне од 14 часот пред Министерството за образование и наука е закажан протест на студентите за да изразат незадоволство од, како што велат, ефикасноста на МОН бидејќи не ги почитува роковите за исплата на стипендиите и на други субвенции.
Организатор на протестот е Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, со поддршка на студенти од уште неколку други универзитети во земјава, а најави дека ќе им се придружи и неформалната организација „Студентски отпор“