Присуството на македонскиот јазик во светот преку лекторатите финансирани од државата, полека се намалува поради една пропишана законска одредба. Ова директно го дестимулира, па и оневозможува работењето на универзитетските професори во лекторатите во странство. Имено, како што објаснува професорката на УКИМ, Лорета Георгиевска – Јаковлева во „Стадион“ на Канал 77, во Законот за работни односи пишува дека со заминувањето на работа во лекторатите, вработените ја губат претходната работа.
-Главниот проблем е Законот за работни односи, кој вели дека ако некој сака да оди како лектор во странство, треба да даде отказ во институцијата каде работи. Тоа треба тоа го расчистиме. Останало дека треба да дадеме отказ, така било во тој период. Мора да има можност да се испраќаат лектори, по пример како што е со пратениците и да се вратат на своите работни места. Како и со амбасадорите, така и со лекторите, изјави професорката Георгиевска – Јаковлева.
Со ова законско ограничување, никој што е вработен во УКИМ и има квалфикации да држи предавања, не може да оди во странство. Сега се праќаат кадри кои формално не ги исполнуваат условите да држат предавање.
Професорката оцени дека државата издвојува мали средства за лекторите во странство. Очекувањата се и поголемо вложување во наставниот кадар кој предава македонски јазик на деца на наши иселеници во странство. На тој начин, децата имаат континуитет во зборувањето на мајчиниот јазик.