Данокот е она што граѓаните го вложуваат во државата. Тој се враќа преку јавното образование, јавното здравство, инфраструктурата, преку градинките, парковите, центрите за социјална заштита… Прв пат од нашиот платен данок, 15 отсто почнаа да се враќаат на сметките на граѓаните преку проектот „Мој ДДВ“ кој Управата за јавни приходи (УЈП) почна да го спроведува пред четири години. Македонските граѓани уште веднаш ја поздравија оваа новина коментирајќи: „ете конечно некој се сети да ни ги врати нашите пари“.
Овој успешен проект почна да се спроведува од 1 јули 2019 година, а сега апликацијата „Мој ДДВ“, како што покажуваат последните податоци ја користат повеќе од 540.000 граѓани. Најмногу сметки се скинираат во Штип, Валандово, Кичево, Битола, Велес, Скопје, Прилеп, Кочани, Неготино и Гевгелија.
Повратот на ДДВ за едно тромесечје на почетокот изнесуваше 1.800 денари. Подоцна процентот на поврат се зголеми од 15 отсто на 20 проценти за производи од македонско производство, а 10% за увезени производи.
Лимитот од 1.800 денари по тромесечие сега е зголемен на 2.100 денари. Така со „Мој ДДВ“ за над четири години на сметките на граѓаните се вратени повеќе од 120 милиони евра.
Тоа се навистина многу пари кои се директно исплатени на сметките на граѓаните и вратени во семејните буџети. Освен дополнителниот приход за корисниците, оваа мерка има и позитивен ефект и во намалувањето на сивата економија и даночното затајување бидејќи се повеќе граѓани бараат фискални сметки.
Всушност оваа мерка ја оствари и својата друга цел освен враќање на парите кај граѓаните. Токму граѓаните помагаат за намалување на неформалната економија со барање на фискални сметки.
„Зборот е збор, и зборот важи. Ги враќаме парите кај граѓаните и кај компаниите и продолжуваме во таа насока“, рече поранешниот премиер Зоран Заев на презентацијата на проектот пред четири години најавуваќи дека повратот на ДДВ ќе биде достапен за сите граѓани кои имаат наполнети 15 години, кои се регистрирани или ќе се регистрираат на системот на УЈП и кои ја преземаат одговорноста редовно да си ги земаат фискалните сметки на продажните места, а потоа и да ги скенираат преку мобилен телефон
Тогашните очекувања беа дека ќе бидат вратени околу 50 милиони евра годишно и дека 98% од домаќинствата ќе можат да направат поврат на ДДВ на нивната вкупна потрошувачка.
Поранешниот министер за финасии Драган Тевдовски најави дека придобивка е обезбедена за сите граѓани, и дека заради правичност, за да не се случи повратот да оди главно кај најбогатите граѓани, поставени се лимити кои оневозможуваат поврат на дел од ДДВ-то од сметка над 30.000 денари.
Според директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска станува збор за реформа која според начинот на кој се реализира е и прва од ваков вид на Балканот.
Всушност, целосната дигитализација на УЈП им помогна на граѓаните да ги остварат своите права поврзани со надлежностите на УЈП од областа на даноците на брз и едноставен начин. Токму затоа и оваа реформа, како што објасни Лукаревска, се спроведува преку системот на УЈП, односно преку апликација преку која граѓаните ги скенираат фискалните сметки. Или како што вели Лукаревска, фискалните сметки не претавуваат само парче хартија кое што ќе ги потсетува граѓаните само на парите кои што ги потрошиле, туку и на парите кои што им се враќаат.
„МојДДВ е најуспешен проект, не само на УЈП туку и генерално на сите економски мерки коишто постојат во функционирањето на Владата за што сум многу горда бидејќи ја гледам заинтересираноста, го гледам бројот на корисници. Како еден од најуспешните проекти, континуирано си ја потврди својата оправданост“, вели Лукаревска.
Директорката на УЈП, потсетува дека данокот не познава било каква припадност, тој е еднаков за сите и токму со оваа мерка на поврат на ДДВ се овозможи и засилена битка против сивата економија.
Управата за јавни приходи апелира до граѓаните корисници на апликацијата „МојДДВ“ да внесат точни податоци како би се извршила навремена исплата.
Најчести причини, велат од УЈП, поради кои не се врши исплатата се погрешно внесена трансакциска сметка, внесена трансакциска сметка на друго лице а не на корисникот на апликацијата, или е внесен бројот на платежната картичка наместо број на трансакциска сметка, сметка која е веќе згасната или воопшто не е внесена.
Инаку, на почеток на овој се очекува да пристигнат парите од „Мој ДДВ“ на сметките на граѓаните кои скенираат фискални. Станува збор за исплата на повратокот од данок преку проектот „Мој ДДВ“ за октомври, ноември и декември лани. Управата за јавни приходи(УЈП), парите треба да ги исплати во рок од 60 дена од завршувањето на три месеци.