Претседателот на Алијансата на Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари е во преговори со останатите албански опозициски партии во Македонија да биде претседателски кандидат на изборите во мај. Ова во интервју за косовската „РТК“ го соопшти претседателот на Движењето БЕСА, Билал Касами.
„Се зборува дека Таравари е кандидат за претседател и тој се смета за соодветен кандидат да биде кандидат Албанец на овие избори“, изјави Касами.
Според него, ДУИ од страв се свртела кон националистичка реторика, додека Талат Џафери, како што оцени е „најлошиот пример за претседател на македонското Собрание“.
Што се однесува до партијата на косовскиот премиер „Самоопределување“, Касами рече е дел од албанската опозиција во Македонија и не е првпат Албин Курти да го поддржува албанскиот политички фактор.
„Сега ќе имаме иновација, каде претставници или високи претставници на Движењето „Самопределување“ на Косово, но и оние кои се државјани на Северна Македонија, ќе бидат дел од изборните листи за пратеници во листите на здружената опозиција“, рече Касами.
Лидерот на БЕСА потврди дека Курти заедно со претседателот на косовското Собрание, Глаук Коњуфца биле дел од изборните кампањи во неколку изборни циклуси.