По сѐ низ што помина храброст е зборот кој кој најмногу го краси пејачот Васил Гарванлиев. Два пати ја претставуваше Македонија на Евросонг, но и првиот и вториот пат ги издржа си негативни коментари, а ги имаше многу, и достојно и професионално застана на големата музичка сцена.
И додека ги правеше подготовките и се справуваше со негативните критики откри неколку работи од приватниот живот, кои уште повеќе го зголемија гневот на јавноста врз него. Сакајќи да покаже дека не е важно кој си и од каде си, дека луѓето ги дели на добри и лоши, отворено кажа дека има бугарски пасош, кој го земал пред многу години и кој му помогнал да замине во Америка. Но, со оглед на состојбата со Бугарија, јавноста во Македонија бараше да не ја претставува државава на Евросонг, а го критикуваа и тие кои немаат и тие кои имат и бугарски пасош.
И како сето ова да не беше доволно, тој храбро застана и призна- јас сум геј! Нешто што многумина го кријат до крајот на својот живот.
Но, Васил, со целата позитива што ја носи во себе и тоа го издржа, па ги спакува куферите и замина за Америка, да продолжи да пее, да твори и да живее.
И му се случи најважното и неочекуваното. Му се случи љубов! Го запозна мажот на неговиот живот, со кој набргу заплива во брачните води. Турбулентниот период што го живееше го помина и веќе една година плива во мирни, среќни, брачни води.
И покрај се дојде во Македонија да ги промовира музичките проекти. Да, за се што сработил периодот сакал токму од неговата сакана Македонија да почне промоцијата. Настапи на „Охрид фест“, направи неколку концерти и повторно замина.
Времето додека беше тука го искористивме за разговор, а со него разговорот е секогаш отворен. И секако, од што ќе се почне ако не од љубовта.
-Во животот ништо не е случајно. Внимавај што посакуваш. Јас заминав во Америка да снимам албум и во пауза од снимање на апликација за запознавање се запознав со Џејсон. Почнавме многу интересен муабет и се договоривме да се сретнеме. Дојде да ме земе и јас, класично за мене, се изглупирав во првите 10 секунди. Хахахах… Ама тоа сум јас.. Прозорецот на автомобилот беше кренат, а јас не забележав. Одев да кажам здраво и го бакнав стаклото. Хахахах… И двајцата се насмеавме. Имавме прекрасен разговор, се изнасмејавме. Тој е класичен Американец, со потекло од Чешка. Јас верувам во љубов и таа енергија се погоди од почеток. И јас и тој знаевме дека тоа е тоа. Јас си реков-оп, значи животот ќе се смени целосно. Нема враќање. Имав неколку патувања кои траеја околу шест месеци и кога се вратив се случи прстенот на рака. И сѐ бидна официјално. И ете, од петок 13 мај и официјално сум мажен. Ете 13 ми стана среќен број. Сите ни велеа 13 е несреќен број, но јас реков- е на нас ќе ни биде среќен. Така се погоди. Наша среќа, наша приказна. Прекрасно е, мирно е и љубов им посакувам на сите, бидејќи јас верувам во љубов, вели Васил.
Но, летото кога дојде во Македонија, дојде сам. Вели дека му е жал што така се случило, но од друга страна пак, е среќен, бидејќи од обврски не ќе можел на сопругот да му ги покаже сите убавини на Македонија.
-Сакаше да дојде во Македонија, но можеби себично ама ми е мило што не дојде, бидејќи поради фестивалот и концертите нема да можевме да се видиме. Не мене, Македонија немаше да може да ја види. А тој од мене слушна за Македонија и толку многу му раскажував. Нула, ништо не знаеше. Ама сега знае. Учи македонски јазик. Првиот збор што го научи беше „здраво цуци“! Ние во моето друштво сите се викме така, вели Васил и додава дека нив двајца ги споила тешката животна приказна.
-За жал имаме тешка слична животна приказна. Неговото семејство мигрирало од Чешка, но сега нема останато никој жив во Америка, освен сестра му, со која се запознав. Јас му реков дека моето семејство е големо и дека ете, сега и тој има големо семејство. Тој навистина е многу добар човек. Тоа го покажа уште од запросувањето. А запросувањето го планирал задно со моја другарка во Америка. Тој момент за мене е еден од насмешните, бидејќи чувствував дека такво нешто ќе се случи. Ме однесе во Њујорк на моето најомилено место, кај познатата фонтана Ангелот. Тогаш ја здогледав другарка ми како снима и сфатив. Хахахха, откри тој
И секако, откако се случил тој момент прв на кој се јавил Васил да ги каже среќните вести била мајка му.
-Ми рече- луд ли си! Ама позитивно. Беше пресреќна. После тоа имавме еден долг разговор со неа. Ме праша многу интересно прашање – „дали си среќен, ми изгледаш тажен“. Така ми рече бидејќи повикот ни беше видео. Јас ѝ реков: „Мамо ти си навикната јас да се смеам за да преживеам. Јас се смеам за да прежиевам, многу, многу долго време. Сега конечно сум среќен и мирен“. Тогаш сфати дека ова е искрено и вистинско. Дека без оглед на сѐ, ова е искрено. Еве во брак со Џејсон сме година ипол. Мене ми е фантастично. Уживам во љубов, верувам во љубов. Пак ќе кажам- посакувам сите да го имаат тоа чувство. Многу сме компатибилни, во сите маани. Навистина со Џејсон сме погодени во сите сегменти. Сите работни обврски дома заедно ги правиме. Готвиме заедно иако признавам дека тој многу поубаво од мене знае да готви. Научи неколку македонски рецепти и ужива. За музика не знае ништо. Не разбира, но ја сака. Тој и брат ми ми се најдобар показател за музиката. Немаат појма од музика, но ја познаваат. А тоа е најважно, како публика да ги допре, раскажува низ насмевка тој.
И после сѐ вели дека коментарите веќе ништо не му значат, бидејќи воопшто не ги ни чита.
-Прво човек сум. Имам срце, имам душа, ранлив сум. Коментарите од некои кои ми се имаат дирекно обратено се супер. А коментари веќе не читам. Уште немам прочитано никаков коментар уште од Евровизија. Мајка ми ги чита.. Ама тоа е. Толку многу имам поминато и сфаќам дека мора да живееме во сегашноста. Знам живееме во многу темни времиња, не само во Македонија, туку низ цел свет. Затоа одбери си луѓе околу тебе кои те сакаат, држи се до нив и верувај. Секој својата лична среќа ја бара, наоѓа и негува. Секој така треба да функционира, вели тој.
За сите оние кои сакаат да го живеат неговиот живот, но ја немаат храброста како првиот Македонец кој собра храброст и јавно кажа „ да, јас сум геј“ и склопи геј брак тој им порача да излезат од кафезот.
-Знам дека живеат во кафез. Но, сакам да им порачам-верувај во себе, бори се, одбери ги луѓето околу тебе што ти веруваат, што те бодрат, што те негуваат.. Било каква врска, дали љубовна или пријателска е двосмерна врска. Не троши време на небитни работи. Знам дека е лесно да се каже. Но, мора да бидеш себичен и знакот дека растеш е знак дека ќе почнеш да губиш многу луѓе околу тебе. Затоа биди храбар и ако може егото да се тргне на страна. Знам, имам многу пријатели кои се кријат, се плашат. Многумина првпат отворено зборуваат за себе кога ќе ја сретнат мајка ми. Мајка ми ќе ги праша – а мајка ти знае ли? Тие ѝ велат – знае, ама не сака да си признае, да се соочи. Јас сум толку среќен и благодарен на таа љубов и почит што ја имам. А пораснав со тоа. Но, тоа е, не се поддржуваме. Како Македонци сме толку моќни, но кога ќе се појави некакво светло гледаме да го изгаснеме.
Мене ми е тажно што луѓето кои ги знам велат- со душа чекам да добијам бугарски пасош и да заминам. Сакаат да избегаат. Сите имаат бугарски пасош ама јас бев огледало на сите несигурности. Мора да има некој кој ќе го изоди тој пат, некој да го напаѓаат. Ама јас спијам мирно затоа што имам чиста душа. Јас бев толку горд што ја претставував Македонија. А никој не знаеше низ што поминував. Јас сум најголемиот Македонец од сите Македонци споено. Тие што ме знаат, знаат што значи за мене Македонија. И пак после сѐ, се враќам да ја започнам мојата турнеја од Македонија. За новиот албум имам светска турнеја која започна од Македонија. Албумот е три во едно, балканска, класична и поп музика. Ги мешам сите стилови на тоа што сум јас и преку тие 17 песни на концертите публиката ја имаше мојата животна приказна. Мултимедијален спектакл со танчери и хор, вели Васил.
И секако на крајот тој го спореди неспоредливото, живеењето и предрасудите во Америка и Македонија?
-И во Америка го има и тоа и тоа. Иако споредувањето не е возможно, бидејќи Америка е огромна, а ние сме едно зрно. Јас живеам во Илиноис и е многу убаво, бидејќи сите сме отворени. Има места во Америка кои не се отворени. Многу пати сум кажал дека во сѐ има добро и лошо, ама изборот е наш каде ќе погледнеме. Јас одбирам позитива, не живеам во облаци. Но, секогаш биди искрен и реален и фокусирај се на себе… Само на себе.. Тоа е.., нема друго, рече Васил за крај.
(В.М.)