Анализите на примероците што Центарот за јавно здравје во Кочани ги зеде од децата од детската градинка „23 Август” во Берово потврдија присуство на салмонела во два од примероците. Поради тоа, ќе биде спроведен вонреден санитарен инспекциски надзор за да се утврди причината за влошената здравствена состојба кај дечињата, кои имале симптоми со повраќање, дијареа и покачена телесна температура.
-Во врска со случајот во Берово нашата стручна служба доби вкупно пет мостри, од кои кај две е констатирано присуство на салмонела. Согласно законските прописи, ги известивме Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство кои ќе направат контрола во градинката. Епидемиолог од нашиот центар веќе е на терен во Берово и работи на прибирање на потребните податоци за натамошно утврдување на тоа што довело до влошување на здравствената состојба на дечињата. Сè уште не можеме да потврдиме дали труењето настанало во градинката или на друго место, изјави за МИА Гоце Серафимов, директор на Центарот за јавно здравје – Кочани.
Како што претходно информиравме, повеќе деца, кои се згрижени во градинката „23 Август“ пројавиле симптоми како висока температура, дијареја, повраќање, поради што Центарот за јавно здравје од Кочани зема мостри за испитување. Родителите загрижени за здравјето на нивните деца побараа целосно да се испита случајот, со цел да се види од каде заболеа нивните деца.
Според АХВ, болеста Салмонелоза е болест која се пренесува преку храна и најчесто се поврзува со консумација на јајцата и претставува важен јавно здравствен проблем. Бактерија, Salmonella enteritidis, може да се пронајде во совршено нормални јајца за консумација, и ако истите се консумираат термички необработени, бактеријата може да предизвика болест. Потрошувачите треба да бидат свесни за можноста од постоењето на бактеријата и да научат како да ја превенираат можноста да заболат.
Појавата на првите симптоми кај лицата инфицирани со салмонела се јавуваат најчесто во период од 12 до 72 часа по консумирање на контаминирана храна или пијалок и обично симптомите се појава на треска, абдоминални грчеви и дијареа. Болеста обично трае 4 до 7 дена. Дијареата може да биде изразена и во тешка форма, па задолжителна е препораката да се побара лекарска помош. Старите лица, доенчињата и оние со оштетен имунолошки систем може да имаат потешка форма на болеста. Кај овие категории на луѓе, инфекцијата може да предизвика тешки компликации па дури да заврши и со смрт доколку не се третира соодветно.
В.К.