Разорните ефекти од климатските промени се очигледни и веќе сите ги чувствуваме. Тие се алармантни и во Македонија, а ова само ја наметнува потребата од итна акција – предупреди Центарот за климатски промени.
Додека стручњаците апелираат на повеќе опрема и кадар во надлежните институции за справување со овие предизвици, властите ветуваат поинтензивна соработка меѓу секторите како „аргумент“ за амбицијата на државата да се приближи кон таканаречената зелена транзиција.
Од сите климатски опасности, во Македонија најчесто се случуваат пожари. Тие сочинуваат дури 80 проценти од настаните кои се поврзани со климатските промени, а за ова да се превенира потребна е едукација на населението. Ова е еден од наодите во Анализата на ризици од природни непогоди во Македонија и кризите кои ги причинуваат, 2005-2022.
Документот што го презентираше Центарот за климатски промени укажува дека фокусот треба да биде на регионите каде населението се занимава со земјоделство, бидејќи значителен дел од пожарите се на отворени површини и во сезоната на подготовка на нивите за сеидба (палење стрништа и сл.).
-Многу пожари се случуваат во летниот период, но не може да се утврди дали се случиле во периоди на топлотни бранови/високи температури бидејќи базата на податоци не ги евидентира овие настани при екстремни временски настани. Во иднина потребно е да се прошири и ажурирањето на настаните во овој дел, особено поради големиот удел на пожарите, но и поради трендот на почести и подолготрајни топлотни бранови во последните години – препорача граѓанскиот сектор.
Но пожарите во Македонија стануваат сѐ почести дури и во периоди од годината кога нема високи температури, а проценките на надлежните говорат дека овие појави ќе се случуваат и понатаму.
„Пример, до крајот на октомври имавме сериозен број на шумски пожари и на дневно ниво нивниот број се движеше од 30 до 50 шумски пожари. За октомври тоа е прилично невообичаено, но благодарение на добрата координација и средствата што ги употребувавме, релативно успешно се справивме со овој зголемен број на шумски пожари“, вели директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Токму поради тоа, потребни ни се зајакнати капацитети во справувањето со последиците од климатските промени:
„Анализата и процените покажуваат дека овие појави ќе се случуваат и понатаму. На нас како општество не ни преостанува ништо друго освен да се продолжи со доизградба на нашите капацитети и тоа на сите нивоа преку мерки за превенција, намалува, адаптирање и ублажување, односно градење на сеопфатна отпорност на влијанијата на ризиците кои се поврзани со климатските промени“, додава Ангелов.
А кога станува збор за капацитетите, проблем е недостигот на кадри кој го отежнува искористувањето на расположливите ресурси во институциите.
Авиони за гаснење има, но не и пилоти – Дирекцијата за заштита и спасување исправена пред сериозен предизвик
Такво е и искуството на Дирекцијата за заштита и спасување, чиј директор Беким Максути потсетува дека лани за првпат по 2009 година, трите ер-трактори беа искористени за гаснење на пожарите.
„Трите авиони на Дирекцијата за заштита и спасување беа подготвени, беа на терен секогаш кога за тоа имаше потреба и ги завршуваа сите можни задачи. Значи, имаме рекордно трошење на сите можни ресурси во однос на справување со шумските пожари ланската година и благодарение на сите други институции, би рекол дека ланската година ја поминавме многу полесно од претходните години кога во број имаше многу помалку пожари, но имавме сериозни проблеми“, вели Максути.
Сепак, институцијата е исправена пред сериозниот предизвик од недоволно кадри.
„Имаме еден предизвик којшто е пред нас и гледаме да го завршиме, тоа е недостигот на пилоти. Тоа е проблем на национално ниво затоа што пилоти нема, многу млади кадри ни избегаа надвор, треба да работиме на тоа да ги нормализираме платите со другите институции, но и други бенефиции со кои ќе ги привлечеме да станат дел од авио-одделението на Дирекцијата за заштита и спасување“, додава Максути.
Додека надлежните очекуваат голем број пожари во текот на претстојното лето, нивните проценки се дека пролетва може да очекуваме и повеќе поплави.
„Воедно минатата пролет имавме и доста поплави кои нанесоа штета на земјоделските посеви, но и на населението. За жал, како ЦУК очекуваме и оваа пролет да има поплави, но повторно и ова лето веројатно ќе биде суво, очекуваме голем број пожари. Поради ова, ги димензионираме нашите активности односно ги подготвуваме сите ресурси кои се неопходни за справување со пожарите“, тврди првиот човек на ЦУК, Ангелов.
Според него, улогата на оваа институција всушност е да врши проценка на ризиците и опасносните, но климатските промени често се пречка во тоа однапред да се предвиди развојот на настаните.
„Скоро и да не постои процена во која не се препознаени ризици врзани со екстремни временски настани како поројни поплави, високи темепратури, суши, студени бранови, кои отскокнуваат од нивниот вообичаен календар својствен за минатите години“, објаснува Ангелов.
Климатските промени ѝ штетат на животната средина, но влијаат и врз материјалните добра на државата, а може да го загрозат и здравјето на граѓаните – едногласни се и институциите и невладиниот сектор.
Зајакнување на отпорноста на општините за справување со поплавите
Анализата на Центарот за климатски промени нотира дека поплавите како поради излевање на реки, така и поради атмосферските води, се честа појава, па затоа е неопходно да се зајакне отпорноста на општините.
Од Центарот велат дека тоа би се постигнало преку проектирање и изградба на цврста инфраструктура која ќе може да одговори на ваквите закани.
-Неопходно е да се посвети сериозно внимание на проектирањето, одржувањето и реконструкцијата на системите за атмосферска канализација. Соодветните механизми засновани на системи за рано предупредување и приоретизирање на овие проблеми на локално ниво, бараат поголеми средства за реализација, но и планирање и спроведување мерки соодветно и навремено за да се овозможи соодветен одговор на идните природни катастрофи и климатски екстреми – порачуваат од невладината организација.
Претседателката на ЦКП, Бојана Станојевска Пецуровска смета дека Македонија има механизми за справување со климатските промени, но недостига анализа на податоци и реализација на конкретни мерки и решенија.
„Македонија има системи за рана најава и предупредување, имаме воспоставено механизам за цивилна заштита и тој функционира, но потребни се човечки капацитети и многу повеќе опрема и интерсекторска соработка за да може да се подобри состојбата“, смета Станојевска Пецуровска.
Таа потенцира дека за климатските промени треба да се зборува сѐ погласно, особено за предизвиците кои тие ги носат на локално ниво.
„За жал и покрај глобалните напори да се ограничи зголемувањето на температурата на 1,5 Целзиусов степен, разорните ефекти од климатските промени се очигледни и сите ние веќе ги чувствуваме. Анализите покажуваат дека климата во Северна Македонија ќе биде потопла и посува и амплитудата на промените најпрво ќе биде поврзана со идните концентрации на стакленички гасови. Но додека го чекаме намалувањето на емисиите на стакленички гасови последиците од глобалното затоплување и климатските промени се алармантни, предупредува Станојевска Пецуровска.
Таа вели дека граѓанскиот сектор спроведува низа активности за зголемена употреба на обновливи извори на енергија и за дуплирање на енергетската ефикасност во различни сектори, но што презема Министерството за животна средина како најзасегната институција?
Шукова: Имаме четири планови за климатски промени со климатски сценарија и нивните влијанија врз сектори
Ресорната министерка, Каја Шукова истакнува дека државата има четири национални планови за климатски промени. Овие документи како што вели таа, детално ги анализираат климатските сценарија и нивните влијанија врз најзасегнатите сектори, со предложени мерки за ублажување на влијанијата во сите сектори.
Таа потсети дека Министерството го изготви и Предлог-законот за климатска акција, за кој пратениците неколку пати расправаа во Собранието во текот на изминатата година.
„Покрај донесувањето на правната рамка, ни претстои долгорочна соработка меѓу националните и особено локалните институции во делот на спроведување на мерките за прилагодување, академскиот сектор, како и меѓуресорска соработка. На национално ниво, како мала земја ранлива од климатските промени, ќе посветиме посебни напори во донесувањето на долгоочекуваниот Национален план за адаптација, за чие идно спроведување ќе биде потребна дополнителна финансиска и техничка помош од донаторската заедница“, додаде Шукова.
И покрај забелешките од невладините, таа тврди дека земјава има амбиција за таканаречената зелена транзиција, што според неа, веќе е препознаено од меѓународната заедница.
Шукова потсетува дека на Климатскиот самит во Дубаи, нашата држава потпиша меморандум за соработка со финансиските институции за пристапување кон исфрлање на јагленот како енергенс.
„Во изминатите години ние веќе инсталиравме 600 мегавати обновливи извори на енергија, стратегијата на државата оди во таа насока – фотоволтаици, ветерни паркови, полека ќе ги исфрламе нееколошките горива“, најави министерката Шукова.
Во последните две години вкупните енергетски капацитети од обновливи извори на енергија во Македонија пораснале за 551,2 – објави „Балкан грин енерџи њуз“.
Само во 2023 година, Регулаторната комисија за енергетика издала лиценци за 399 мегавати за производство на електрична енергија од обновливи извори, а со ова како што велат од таму, увозот на електрична енергија е намален за една третина.
Вања Мицевска