Синдикатите реагираат на носењето на законот за јавна администрација кои по скратена постапка треба да бидат донесени во Собранието.
Синдикатите реагираат дека вакви важни закони за работничките права се носат по скратена постапка без почитување на стандардната процедура, без јавна расправа и социјален дијалог.
– Доколку ваквиот закон помине, одговорноста ќе биде на тие што го донеле и на тој што го предложил, особено поради тоа што ваквиот Закон значи околу 2.500 денари помалку во џебот на вработените во јавниот сектор за кои се применува Законот за административни службеници што е недозволиво да се случи на крај на мандат, на неколку денови пред избори во Македонија, велат од Сојузот на синдикати на Македонија и од Синдикатот на УПОЗ.
Оттаму бараат Предлог-законот за административни службеници со кој се регулираат правата и интересите на дел од вработените во јавниот сектор, да ја помине целокупната законска процедура и да се овозможи преставник на ССМ да учествува во работата на собраниските комисии каде би се разгледале нивните забелешки и предлози.
И од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) бараат јавна дебата за ова предлог законско решение.
– Не треба да се занемари фактот дека реформите во администрацијата се едно од клучните барања и фундаментална област во Преговарачката рамка со Европската комисија. Новата законска рамка требаше да го подобри управувањето со човечките ресурси низ целата администрација и да помогне да се обезбедат кадри, унапредувања и отпуштања по заслуги на сите нивоа, вклучувајќи ги и високите раководни структури. Со оглед на важноста на овој закон, очекувано беше дека ќе биде донесен во една широка јавна дебата, со вклучување на сите фактори кои што се засегнати од истите, а посебно синдикалните организации коишто ги застапуваат правата на вработените во јавниот сектор, велат од КСС.
Според КСС, не помалку битен е и фактот дека овие законски текстови не го имале поминато филтерот на Државната комисија за спречување на корупцијата која требала да даде препораки за непотизам и политичко влијание во регрутирањето на вработените во јавниот сектор….
– Последниите измени на текстот не беа ставени ниту на ЕНЕР, па нашето прво запознавање со овој предлог закон е од веб страницата на Собранието, посочуваат од КСС.
Предлог-законот за административни службеници, како дел од пакетот закони предлоежни од Министерството за информатичко општество и администрација, е на девен ред на собраниската Комисија за европски прашања, но седницата е презакажана за во 14 часот.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ преку прес-конференција побара итен прекин на расправата и донесување на заклучок за одржување на јавна расправа во најбрз можен рок, на која, како што посочија, би биле присутни пратеници од опозицијата, претставници од синдикатите, професори, стручната фела и јавноста.