Најголемиот брод за крстарење на светот исплови од Мајами, Флорида, на своето прво патување, но постои загриженост за емисиите на метан од бродот, јави Би-Би-Си.
Бродот Icon of the Seas (Икона на морињата) долг 365 метри има 20 палуби и може да смести најмногу 7.600 патници. Тој е во сопственост на Royal Caribbean Group.
Бродот оди на седумдневно патување со запирања на островите во тропските предели.
Еколозите предупредуваат дека бродот со погон на течен природен гас (LNG) ќе испушти штетен метан во воздухот.
Иако ЛНГ согорува почисто од традиционалните поморски горива, како што е мазутот, постои ризик да „избега“ дел од гасот, што ќе предизвика истекување на метан во атмосферата. Метанот е многу помоќен стакленички гас од јаглерод диоксидот.
– Тоа е чекор во погрешна насока, рече Брајан Комер, директор на поморската програма при Меѓународниот совет за чист транспорт (ICCT).
– Би процениле дека користењето на ЛНГ како поморско гориво емитува над 120 отсто повеќе емисии на стакленички гасови во животниот циклус отколку морското гасно масло, рече тој.
Претходно оваа недела, ICCT објави извештај во кој се тврди дека емисиите на метан од бродовите со ЛНГ се повисоки од дозволените тековни регулативи.
Royal Caribbean тврди дека „Иконата на морињата“ е енергетски поефикасна за 24 отсто отколку што бара Меѓународната поморска организација за модерни бродови. Компанијата планира да воведе брод со нето-нула емисии до 2035 година.
Изградбата на „Icon of the Seas“ чинеше две милијарди долари. На најголемиот брод за крстарење има седум базени, шест тобогани и повеќе од 40 ресторани, барови и салони.