На Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК) на пладне, 11:56 часот, е добиен повик за повредено лице со скршеница на нога во пределот на Горно Водно, во близина на Милениумскиот крст. Веднаш преку Секторот за операции и координација во ЦУК е покрената акција за спасување и транспорт на повреденото лице.
-ЦУК, од спасителната екипа на Црвениот крст побара интервенција, прво по можност со специјализирано возило за извлекување на повреденото лице. Истовремено, ЦУК, паралелно и координирано остваруваше комуникација со Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) на Град Скопје, со Итната медицинска помош, со МВР, а и со ЈП за жичницата. Услови за остварување на спасителната акција беа тешки, заради силниот ветар на планината, а и заради тоа што патот од Средно Водно до Милениумскиот крст е непрооден и тежок за било кое возило, особено на осоите во сенка. Направен е и напор Итната медицинска помош да стигне и преку алтернативен пат, преку Сопиште и Горно Соње, но медицинската екипа се доближила на 1,5 километри до Милениумскиот Крст и јавила дека патот не дозволува понатамошно движење, велат од ЦУК од каде и додаваат:
-Веќе ЦУК имаше стапено во координација со хеликоптерската единица на МВР за можен ангажман и тогаш ЦУК упати барање за подигање на воздухоплов – хеликоптер, заради евакуација и транспорт на повреденото лице со скршеница на ногата. Паралелно со координацијата со повеќето субјекти за акцијата, беше остварен и контакт со ЈП за стопанисување со жичницата, за таа да биде вонредно вклучена, но добиле информација дека заради силниот ветер и автоматското сензорно контролирање не можело да се вклучи заради небезбедни услови за движење. Истовремено, ЦУК стапи во контакт и со Ургентниот центар на Државна болница во Скопје и побара прифаќање на повреденото лице коешто со хеликоптер беше пренесено и спуштено на хелиодромот на болницата, информираат од ЦУК.