Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) преку соопштение денеска посочи дека ги толкува како непримерни, недостојни и опасни обидите на МПЦ-ОА да влијае на новинарските трудови и информирањето, и остро го осудува начинот на, како што посочија, најбескрупулозна пресметка со главниот и одговорен уредник на порталот religija.mk, Марјан Николовски.
„ССНМ смета дека обвинувањата и ‘судската’ постапка (?!) во рамките на својата хиерархија во Светиот архијерејски синод во МПЦ-ОА се преседан кој ќе отвори простор за црковни дејствија од некои минати времиња. Не сакаме да навлегуваме во основата за ваквиот потег бидејќи го сметаме за беспредметен, но и не сакаме да веруваме дека во оваа држава постојат паралелни судски системи кои си земаат за право да толкуваат и оценуваат новинарски трудови, да обвинуваат, па веројатно и да санкционираат. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници предупредува и бара притисокот веднаш да престане, а токму МПЦ-ОА, колку е тоа во нејзина моќ, да влијае да престанат оркестрираните закани по социјалните мрежи особено што со своето медиумско делување Марјан Николовски секогаш бил промотор и еден од главните, и најрелевантни информатори за состојбите во оваа, па и во другите религиозни групи во Македонија“, велат од синдикатот.
Оттаму, истовремено ја повикаа извршната власт и соодветните институции на будност да водат сметка и да го заштитат Николовски, но и загарантираната слобода на изразување, бидејќи на тој начин, како што додаваат, практично ги штити и интересите на граѓаните да бидат информирани од сите сфери, па и од религиозните.
Реагираше и Здружението на новинари на Македонија откако новинарот Николовски е повикан од МПЦ-ОА на црковен суд за неговото пришување и изнесување на докази за финансиска проневера.
Николовски на сајтот кој го уредува religija.mk, напиша дека „вербалните закани кои на социјалните мрежи веќе една година провејуваат, се трансформирани во обвинение од Синодот на МПЦ-ОА за порталот Религија, и мене како уредник ме ставаат пред црковен суд’.
-Значи, Синодот на МПЦ-ОА покренува судска постапка против мене и интернет порталот во која наведува дека текстовите кои се објавени предизвикувале „ОСНОВ за изразување омраза, во форма на говор на омраза, предизвикување омраза кај верниците и доведување на оштетените членови на САС (Синодот) во општа опасност и загрозување на нивната безбедност, а особено преку електронски извор – средство за јавно информирање“, реагира Николовски.
Новинарот е повикан на „доказно рочиште“ на 29 јанури во Архиепископијата на МПЦ-ОА.
„Каде треба да ги предадам сите исправи и предмети, кои како доказ ги имам за моите пишувања, а нив да ги разгледа црковен обвинител, и јас да ги откријам сите мои извори на информации, бидејќи се бара: „да ги произнесете сите факти врз коишто ги засновате вашите наоди. Ако некој од МПЦ, Синодот, владика се почуствувал загрозен и навреден од моите пишувања, постои граѓански суд, нека поднесе тужба за клевета, па таму на јавно рочиште ќе ги соочиме и фактите и аргументите, но моето право да пишувам за аномалиите и проблемите во МПЦ-ОА нема да престане, ниту да биде замолчено, реагира Николовски.