Прифатен е предлогот на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција и на лицата Ш.Б., Ф.Б., Н.И., Ф.С., и С.А. им е определена мерка притвор во траење од 30 дена. За О.П. е прифатен предлогот за определување мерки на претпазливост, односно Одземање на патна исправа и забрана за издавање нова, Забрана за напуштање живеалиште, односно престојувалиште и Обврска за јавување во суд.
Како што информира денеска Основен кривичен суд Скопје, судии на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје постапиле по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерки за обезбедување присуство за шест лица кои во текот на ноќта беа спроведени во судот, а поврзани со полициската акција во скопското село Грчец.
– Судот го прифати предлогот и определи мерка притвор за 10 лица кои се опфатени со истрагата, а во моментов не се достапни на органите за прогон и тоа од нивно пронаоѓање, односно лишување од слобода, се вели во соопштението.
Против овие решенија странките имаат право на жалба до Кривичниот совет на овој суд.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски синоќа на прес-конференција соопшти дека е разбиена криминална група, а кривични пријави ќе има за сите 16 лица, од кои се уапсени седум. Вкупно 16 лица, кои се сомничат за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, убиства и обиди за убиства. Седум од нив се веќе уапсени, а и останатите, кои се надвор од земјава, ќе бидат лишени од слобода.
Се работи за Ш.М. (46), Д.И. (50), Ф.Б. (45), Б.А. (44), Р.С. (41), С.А. (44), М.Ч. (27), С.С. (36), Ш.А. (27), Ш.Б.(20), Н.И. (44), Е.И. (25), Ф.С. (43), Ш.С. (40), М.Д. (41) и О.П. (43). Сите биле членови на меѓународна организирана криминална група, а ги предводел Ш.М. од село Грчец, заедно со веќе починатите О.Б. и Ј.К., од декември 2019 до март 2021 година, за што се обезбедени докази. Во овој период, групата организирала транспорт на 435 килограми кокаин во земјава од Бразил.