Генералниот колегиум на Медиумската информативна агенција (МИА) реагира на денешниот вербален напад на новинарката од МИА Ангела Рајчевска.
При вршење на својата професија колешката беше вербално нападната од страна на обвинетиот Горан Дуковски во случајот „Ласкарци“, кој при обид таа да побара изјава од неговиот адвокат, обвинетиот ѝ упати погрдни зборови и пцовки со кои ја одврати од обидот.
„Сметаме дека ваквото однесување е недозволиво и за осуда и бараме јавно извинување, а надлежните институции да преземат дејствија со кои во иднина ќе се спречат ваквите случувања кои влијаат деградирачки врз новинарската професија“, се вели во реакцијата.
Синдикатот на Медиумските Информативни Агенции (СМИА) остро ја осудува вербалната навреда кон новинарката Ангела Рајчевска која денеска ѝ била упатена по објавата на пресудата за предметот Ласкарци.
Нападите и заканите кон новинарите претставуваат директен напад врз демократијата и слободата на говорот во едно општество.
Денеска токму во куќата на правораздавањето, вели Синдиктот, вербално беше нападната нашата новинарка која ја остваруваше нејзината професионална должност, а тоа е информирање на јавноста.
СМИА апелира и бара од институциите да се санкционираат напаѓачите содветно законот за медиуми каде нападите врз новинарите се напад врз службено лице.