Познатата песна „Димитријо, сине Митре“ со децении се сметало дека е народна песна, чиј автор не бил познат. Меѓутоа, неодамна е откриено дека вистинската авторска на оваа песна е Стана Аврамовиќ Караминга, пејачка од Врање, пренесува република.рс.
Таа починала во 1969 година, а на нејзиниот погреб била изведена оваа емотивна песна која понатаму била постепено менувана, со што биле создадени неколку верзии од неа.
Инаку, Стана Аврамовиќ била жена чиј живот бил одбележан со необична љубовна приказна. Инспирацијата за споменатата песна ја нашла токму во приказната за Димитријe (син на нејзината тетка) и неговата жена Стана.
Тие двајца многу се сакале, но немале деца. Семејството полека почнало да се меша меѓу нив, а Стана трпела притисок бидејќи не можела да остане бремена.
Секоја недела кога оделе на црква, свекрвата им дофрлувала: „Ајде сине, ајде, па донеси и дете“.
Иако за Стана се зборувало дека е најубавата жена од Врање до Ниш, тоа во еден момент ѝ станало товар.
„Залудна е твојата убавино Стано, кога не си родила ниту машко ниту женско. Сите се колнат во децата, а јас во тебе“, почнал да ѝ вели Димитрије.
Поради сето ова таа решила да се обеси, но во тоа ја спречил вујкото на нејзиниот сопруг, Тома. Тој ја посоветувал да го спаси семејството така што ќе остане бремена од друг маж. За да бидат повторно среќни, таа се согласила на тоа и на четириесет години останала бремена, но не од својот Димитрије.
Во семејството се вратила среќата, меѓутоа породувањето било тешко и откако го родила детето, Стана починала.
Вујкото Тома седум дена подоцна му ја открил вистината на Димитрије.
„Пред да одиме на гробот на Стана морам нешто да ти кажам. Ја измачивме Стана, прво твојата мајка, па ти, а потоа и јас. Твојата мајка ја колнеше, додека ти си неплоден, а јас пак, ја советував со кого да оди. Да знаеш, детето не е твое“, му рекол Тома на Димитрије.
Тој му одговорил:
„Ако вујко, нема врска. Ние сакавме да посвоиме дете, а ова барем е родено од мојата Стана“.
Меѓутоа, следниот ден на гробот на Стана пред целото семејство, Димитрије рекол:
„Овде, покрај мојата Стана закопајте ме“.
Потоа извадил пиштол и се самоубил.
Три дена по смртта, умрела и неговата мајка Боса, а нешто подоцна и нејзиниот брат Тома.
Во сеќавање на оваа трагедија, Стана Караминга која била ќерка на Тома, ја составила песната.