Професорката на правниот факултет во Скопје и поранешна пратеничка во Собранието од редовите на СДСМ, Ана Павловска – Данева е предложена за нов судија во Уставниот суд. Предлогот за Павловска – Данева доаѓа само еден ден откако СДСМ го повлече името на поранешниот јавен обвинител Љубомир Јовески.
Овој предлог денеска се разгледува пред собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата.
Професорката Ана Павловска – Данева (50), предава повеќе предмети на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ и тоа: Административно право и Јавна администрација како задолжителни предмети на студиите од прв циклус и десетина предмети на вториот циклус на студии (Антикорупциско право, Управно процесно право, Управно судство, Службенички систем, Управни договори, Етика и јавна управа, Право на слободен пристап до информации од јавен карактер, Право на заштита на лични податоци и други). Таа е и постојан предавач во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.