„Годинава која започна е година на одлуки – одлука за европски напредок, или изолација. Трето нема! Ние веќе направивме големи инвестиции во иднината на нашата земја и сега воопшто не ни е потребна партиска и политичка поделеност, надмудрувања, лажни ветувања“ рече премиерот Димитар Ковачевски на конференцијата „Година на европски можности“.
Тој додаде дека за државата е важно што благодарение на исправните и посветени политики на владата, се вратија демократијата, дијалогот и дебатата.
„Во државата веќе подолг период не се шепоти како порано, туку гласно се говори. Во државата веќе нема недопирливи како порано, туку секој е на судот на јавноста и граѓаните. Во државата се дебатира за сѐ, нема забранети теми, нема забранети емисии нема последици за поинаквото мислење“ рече Ковачевски. Премиерот додаде дека сега повторно сме пред одлуки, кои се нужни, вистински, за некои лесни, а за некои потешки. „Оваа е година на многу значајни внатрешни, домашни одлуки. Дали, со кого и на кој начин, колку брзо и квалитетно ќе продолжиме по патот на прогресот за кој говорев пред малку. Токму оваа 2024 година, е клучна година за забрзување на реформите и забрзана интеграција на заедничкиот европски пазар пред целосното членство во ЕУ“ рече Ковачевски.