Недостатокот на сон е голем проблем во денешно време, а дури третина од светската популација пати од него. Стручните лица наведуваат различни фактори кои придонесуваат за несоница, а покрај физичките последици како што е уморот, таа може да влијае и на менталното здравје.
Иако истражувачите не се целосно сигурни во тоа, недостатокот на сон може да предизвика појава на одредени психолошки состојби – пренесува verywellmind.com.
Мозочна магла
За да може нашиот мозок да работи со полн капацитет, потребен му е редовен и добар сон. Доколку имате несоница, тоа може да предизвика таканаречена „мозочна магла“ односно да доведе до проблеми со концентрацијата. Доколку ви е потребно време за да се сетите на нешто, можно е да не сте спиеле доволно претходната ноќ. Тоа со себе исто така носи и пад на продуктивноста, а работата на одредени задачи ќе биде предизвикувачка, бидејќи нема да бидете доволно одморени.
Промени во расположението
Недоволното спиење може да предизвика нерасположеност, а често и раздразливост. Како резултат на недостатокот на сон, учесниците во една студија почувствувале депресија и анксиозност. Ако себеси си го скратуваме спиењето макар и за еден час, тоа може да доведе до зголемено ниво на бес, а мозокот кој е лишен од сон не може да функционира нормално.
Промени во однесувањето
Освен промена во расположението, недостатокот на сон може да предизвика промена и во однесувањето. Во тоа се вклучени импулсивноста и хиперактивноста. Може да забележиме дека се „бориме“ да комуницираме со другите луѓе кога не спиеме доволно.
Стрес
Лошиот сон може да го отежни соочувањето дури и си најмал стрес. Секојдневните неволји може да се претворат во главен извор на фрустрација, а дури и размислувањето за лошиот квалитет на сонот може да биде извор на стрес. Тоа се случува кога знаете дека мора да се наспиете, но тогаш се грижите зошто не можете да заспиете.
Депресија
Спиењето во голема мера може да влијае на менталното здравје и развојот на одредени состојби како што е депресијата и анксиозноста. Новите истражувања укажуваат дека недоволниот сон може да предизвика депресија. Една анализа на 21 различна студија дошла до заклучок дека луѓето со несоница имаат двојно поголем ризик од развој на депресија во споредба со оние кои немаат проблем со спиењето.