Бункерот во Штип, каде требаше да биде сместен акцелераторот вреден милиони евра, кој собира прашина, ќе се гради одделно од новата Клиничка болница, чија изградба повеќе од две години е во застој. Ова денеска го соопшти министерот за здравство Фатмир Меџити, кој ги критикуваше претходните здравствени власти поради спојувањето на двата проекта во еден и со прекинот на градбата во Клиничката болница, застанаа и работите на бункерот.
-Знаете што направиле господата?! Го ставиле бункерот за акцелераторот заедно со изградбата на Клиничката болница. Го донесле акцелераторот, стои под прашина. Акцелераторот од милион евра јас го ставив одма да функционира во Клиниката за радиологија и онкологија. Што направив јас? Кога го раскинав договорот за Клиничка болница, го одделив договорот за бункерот. Срамота е онколошки пациенти да патуваат за терапија во Скопје, изјави Меџити.
Министерот од Штип најави скорешно распишување на тендер за продолжување на градбата на Клиничката болница. Датуми не кажа, бидејќи како што рече тоа се бирократски процедури. Парите за продолжување на изградбата на новата болница, која се гради со години, се предвидени во државниот буџет, а задржани се и 6 милиони евра од претходниот изведувач, со кој е раскинат договорот, грчката компанија Интракат.
Меџити во Клиничката болница во Штип денеска промовираше нова лапароскопско-енодскопска апаратура, вредна 11 милиони денари за изведување на лапараскопски процедури на одделенијата за хирургија, неврохирургија, ортопедија и урологија. Овие апарати имаат многу подобри перформанси од апаратот што болницата го има над 10 години, со чија помош годишно се изведуваат по над 2000 оперативни зафати.
Промовиран е и нов доплер за крвните садови со вредност од 2,5 милиони денари.
В.К.