За шест месеци 80.000 евра помалку од законски пропишаните ѝ се доделени на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), поради што поднесе тужба против Министерството за администрација и информатичко општество (МИОА), од чиј буџет требаше да ги добие овие средства. Меѓутоа, од МИОА одговараат дека поради доцното усвојување на законските измени, овие средства не можеле да се планираат и поради тоа не се во состојба да ги обезбедат.
Директорот на АВМУ Зоран Трајчевски изјави дека ова е кршење на Законот за ААВМУ, бидејќи и натаму Министерството продолжува да го користи укинатото дискреционо право да им префрла помалку пари.
–Со законските измени од јули 2023 година беше укинато дискреционото право и АВМУ треба да добие 5 отсто. Предлагач на овој закон е МИОА против кого сега поднесуваме тужба. Спротивно на законската обврска, МИОА префрлува помалку средства од законски пропишаните. За последните шест месеци има добиено 80.000 евра помалку, за јануари имаме добиено речиси 20.000 евра помалку. Оваа состојба трае со години затоа што МИОА го користеше дискреционото право и се префрлуваше помалку средства, изјави Трајчевски.
МИОА пак, се повикува на правилата за буџетирање на државните институции, вклучително и на министерствата. Во соопштението од МИОА се потсетува дека буџетот за 2023 година е донесен на ден 27.12.2022 година, буџет во кој не се вклучени обврските со Измените и дополнување на Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги што се донесени шест месеци подоцна.
-Согласно хронолошкиот тек на настани не било возможно планирање и обезбедување на дополнителните расходи за намената Измени на Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Во тековната 2023 на ден 3.10.2023 година со Закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на РСМ за 2023 („Сл.весник на РСМ бр.207/2023) во буџетот на институцијата не се дообезбедени и следствено распределени дополнителни средства како би се реализирал бараниот пренос на средства до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Министерството за информатичко општество и администрација врши пренос на доделени средства и не е во состојба да обезбедува буџетски средства, одговорија од МИОА.
Трајчевски најави дека покрај АВМУ тужба се најавува и од МРТВ бидејќи во текот на 2023 година добиле помалку средства од тоа што законски им следува.
Со Законот за ААВМУ и измените од 2018 година се определува износот за АВМУ, МРТВ и Македонска радиодифузија, кои доаѓаат од буџетот на МИОА. Определени се од 0,8 до 1% од реализираните приходи од годината која претходни на фискалната година, но поради дискреционите права на МИОА, овие средствата беа преполовени.
В.К.