Професионалноста, стручноста, умешноста и синхронизираноста меѓу политичката, културната и црковната дипломатија овозможија прв пат во историјата една држава на друга да и врати бесправно одземено културно наследство. Враќањето на 20-те украдени икони од цркви во западниот дел на земјава, пред 10 години запленети во Албанија, покажа дека и најделикатните прашања се решливи со меѓусебен дијалог и соработка.
Проф. д-р Сашо Цветковски, историчар на уметност, член на МАНУ и одличен познавач на културното наследство во црквите во западна Македонија, кој беше дел од тимот што работеше на реституција на културното наследство, вели дека процесот воопшто не бил лесен. Во разговор за МИА, тој открива дека најголема придобивка имале од истражувањата направени изминатите 20 години и воспоставениот систем на познавање на состојбите во црквите.
Овие 20 икони, од кои повеќе од половина се од Струшко, се само мал дел од украденото во македонските цркви. Во периодот меѓу 2008 и 2013 година од црквите во западниот дел на државата украдени се приближно 600 икони. Во втората фаза од проектот во црковните депоа во Албанија идентификувани се уште 35/36 икони од дебарско-реканскиот крај, но процесот на препознавање треба да продолжи и во наредниот период.
Преку долг и тежок процес до конечни резултати
Враќањето на иконите во сопствената земја, според Цветковски, било долг и тежок процес. Веста за успешната акција на албанската полиција во 2013 година, во која беа пронајдени над 2.000 икони и други црковни предмети, како и предмети од применета уметност, одекна во регионот. Токму преку медиумите, македонските историчари на уметноста успеале да забележат неколку наши икони.
– Тоа за нас беше доволно за да ја иницираме целата постапка и првото наше одење во Албанија во 2013 година. Тогаш идентификувавме 20 икони, од мноштвото, кои дел беа од Албанија и од Грција. Тој процес беше долг и помина низ различни фази. Прво требаше да се направи идентификација, да се вклучат правосудните органи и да се почне правна постапка. Откако заврши, ние имавме можност да побараме и официјално да се вратат иконите. Враќањето се случи во декември минатата година. Точно 10 години откако успеавме да ги идентификуваме – декември 2013 година во Албанија, појаснува Цветковски.
На овие икони сега им претстои процес на конзервација и реставрација. Кај дел од нив забележани се ретроградни процеси, црвојадина, што треба да се санира и конзервира, односно да се третираат професионално, а доколку има потреба и да се реставрираат. Потоа ќе бидат изложени.
Стручноста на историчарите и регистарот на икони најголема помош во постапката
Македонските историчари, подготвени за целиот тој настан, за само неколку часа ги издвоиле 20-те икони, кои им припаѓаат на црквите од Струшко и Преспа.
– Многу спремно пристапивме и сериозно се подготвивме за целиот овој процес на идентификација. Ни требаа само неколку часа да ги издвоиме нашите икони, да направиме првична идентификација, да ги покажеме деловите од документацијата со која располагаме, теренска и од националниот конзерваторски центар. Така ја почнавме и првата фаза околу процесот на тогаш можното враќање на иконите, а сега целосно реализиран проект, вели Цветковски.
Истражувањата на македонските научници, направени изминатите 20 години и регистерот на икони, нагласи дека најмногу помогнале во целата постапка на идентификација.
– Благодарение на нашите истражувања направени изминатите 20-тина години, воспоставивме една многу прецизна споменична топографија, еден добар систем на познавање на состојбите внатре во црквите. Основните процеси на идентификација на откривање веќе ги завршивме, но завршивме и добар дел во атрибуцијата во препознавањето на иконите и атрибуирањето кон одредени зографи. Имаме резултати. Да не беа тие научни истражувања, не знам како ќе успеевме да се носиме со целата ситуација, смета Цветковски.
Најголема придобивка, повторува, биле регистрите со чија помош работите биле ставени под контрола.
– Тие регистри нам ни беа прирачници од кои тргнувавме и врз кои ја градевме научната анализа и тоа за нас беше од најголемо значење. Имавме истражено добар дел од тоа културно наследство и објавено во нашите книги, што беше аргумент плус, кога во 2019 официјално го испративме барањето до албанската Влада за враќање на нашите икони, нагласува научникот.
Вратените икони дел од богатата македонска ризница на уметност од 19 век
Вратените икони се дел од богатата македонска ризница, дела на познати македонски зографи. Три се од крајот на 18. век, а останатите од 19-тиот век.
– Повеќе од половина од вратените икони се од струшкиот регион, од пределите на струшка Малесија. Пет од црквата во село Селци, три од Радожда и неколку од црквата во Буринец, а останатите од црквите во Преспа, од Долно Перово и Ѓавато. Тие од Струшко се дела на дебарски зографи, а од Преспанскиот регион се дело на пелагониски зографи, кои околу средината на 19 век доаѓаат од северен Епир, тоа се тие епирски зографи, истакнува Цветковски