По предлогот од страна на претседателот Стево Пендаровски за пролонгирање на рокот за промена на личните документи, премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашања рече дека е во очекување на разговорот на претседателот Пендаровски со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу.
- „Претседателот Пендаровски кога ќе има разговор со грчката претседателка, ќе не информира и потоа ќе може да постапуваме“ рече Ковачевски за законските измени во однос на личните документи.
Претходно Пендаровски во ТВ гостување рече дека треба да се променат два закони за пролонгирање на рокот за промена на личните документи и наместо февруари, рокот да биде септември-октомври, но и тој кажа дека прво мора да се разговара со Грција.
Во меѓувреме премиерот Ковачевски во јавноста излезе со став дека е отворен за предлози но дека најпрво треба да се почека исходот од разговорот на Пендаровски со грчката претседателка.
- „Сите предлози за мене се добри. Претседателот може да се сретне со претседателката на Грција, бидејќи сепак и тоа е нивото на кое може да се разговара. Ќе разговараме на седница на Влада во однос на можноста ова да се направи. Претседателот Пендаровски најдобро знае бидејќи тој беше вклучен во подготовката на Преспанскиот договор, а при зачленувањето во НАТО беше координатор за НАТО и поради тоа има повеќе детали како би можело тоа да се реши на меѓународно ниво со Грција. Зошто да не“ нагласи Ковачевски.