Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека ќе се консултира со двајцата министри со кои разговарал претседателот на државата Стево Пендаровски во врска со предлогот да се пролонгира рокот за замена на лични документи кој, согласно Преспанскиот договор, истекува на 12 февруари.
Поради големиот притисок да се стигне рокот и метежите пред пунктовите на МВР, каде што луѓе чекаат со часови во редици, шефот на државата вчера во гостување во ТВ Сител рече дека на двајца министри им предложил со брза интервенција во законите за лични карти и за патни исправи, рокот да може да се одложи до септември-октомври и за тоа да биде известена Грција со образложение дека, како што рече, „немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор“.
-Зошто да не. Ќе се консултирам со двајцата министри со кои разговарал претседателот. Сите предлози кои може да унапредат нешто за мене се добри. Верувам дека и претседателот може да се чуе со претседателката на Грција бидејќи, сепак, и тоа е нивото на кое може да се комуницира. Ќе поразговараме на седница на Влада во однос на можноста ова да се направи, изјави Ковачевски денеска.
За претседателот Пендаровски рече дека имал „повеќе детали и најдобро знае како тоа би можело да се реши на меѓународно ниво со Грција“ бидејќи бил вклучен во подготовката на Преспанскиот договор и при зачленувањето во НАТО бил координатор за НАТО.
Во однос на рокот за промена на личните документи на македонските граѓани премиерот рече дека не е наметнато од Владата туку е обврска произлезена од потпишан меѓународен договор кој, како што рече, овозможил да станеме земја членка на НАТО.
-Таа обврска е наведена во закон. Така што не може да кажете дека Владата нешто направила бидејќи, сепак, се работи за законски решенија за уставни измени кои се правени во Собранието и кои на сите ни се добро познати во текот на изминатите години. Она што Владата може да го направи е да го олесни тој процес. МВР отвори поголем број пунктови и определи поголем број вработени кои ќе работат, но очигледно дека тоа ќе треба да се зголеми уште повеќе. Еве, и со предлогот на претседателот Пендаровски да видиме дали може да бидат направени тие законски измени. Да направите законски измени без согласност на сите што се потпишани, а се работи за меѓународни документи, не би било така едноставно и прашање е колку би било применливо. Сепак, ќе пробаме сѐ, рече претседателот на Владата.
На прашањето дали со владината одлука за промена на начинот на полагање во Академијата за судии и јавни обвинители се обидува да промени закон, Ковачевски одговори дека „тоа е прашање коешто најдобро ќе го одговори министерот за правда со оглед на тоа дека се работи за правна регулатива“.
-И доколку некаква одлука е во колизија со некој закон, тогаш сметам дека таа треба да се промени. Да бидам искрен, не сум имал контакти со Академијата за судии и обвинители. Имам свое мислење за таа Академија каде што кога ќе ги погледнете кандидатите коишто обично поминуваат, презимињата можете да ги погодите и на сон во 3 сабајле. Така што, прашања треба да се постават на сите адреси, не само на една адреса, рече Ковачевски.