Со 6864 барања за азил поднесени од македонски граѓани заврши изминатата 2023 година за германската Федералната канцеларија за миграција и бегалци ( БАМФ ). Од оваа бројка, 5999 се нови барања, поднесени за прв пат во текот на минатата година. Останатата бројка ја сочинуваат барањата кои се потеруваат, пренесените од претходните години, како и тие што од различни причини се развлечени во донесувањето одлука.
Македонија е првата земја во регионот по број на баратели на азил, иако поради визната либерализација со ЕУ, нашата земја се смета за безбедна земја и шансите да се одобри азил се еднакви на нула.
За илустрација, македонските барања за азил за Германија се во поголем број од тие на граѓаните на Албанија, што изминатите години се сметаа за проблематични. Во текот на 2023 година албанските државјани поднеле 2.233 барања за азил, На листата баратели од регионот се Србите со 3.526, следат граѓаните на Босна и Херцеговина со 1.132, Косово со 700 и Црногорците со 299 барања за азил во текот на 2023 година.
Во однос на претходните две години, вкупно 4.542 барања за азил од македонски државјани во 2021 година биле поднесени во Федералната канцеларија за миграција и бегалци на Германија, додека во 2022 година се забележува тренд на пораст и азил побарале 5602 наши граѓани.
Годишниот извештај на Канцеларијата покажа дека за околу 50 отсто е зголемен бројот на лица што бараат азил во Германија споредено со 2022 година. Тоа се 329.000 лица кои во текот на 2023 година за првпат поднеле барање за азил во Германија. Најголем број на баратели на азил се Сиријци со 104.561 барање, а на листата со најголем број на барања се Турци, Авганистанци, а во топ 10 листата се и граѓани на Руската Федерација со 9.028 барања. Бегалците од Украина немаат обврска да поднесуваат барања за азил, но според проценките, околу еден милион граѓани на земјата зафатена со војна од март 2022 година, сега живеат во Германија и добиваат итна привремена заштита врз основа на директива на ЕУ.
В.К.