Преку стабилизирање на цената на електричната енергија се усогласуваме со препораките на Европската комисија од која веќе добивме пофалби за успешно менаџирање, рече во денешното гостување во утринската програма на Слободен печат, директорот на Агенцијата за енергетика, Дарио Николовски.
- „Мерките и политиките се носат на принцип кој најмногу ги почитува, односно кој најмногу штеди тој најмногу и добива. Целта е да се продолжи во таа насока. Впрочем, ги споменав бенефитите од евтината дневна тарифа. Тие се бенефити од веќе спроведени политики во енергетската транзиција. Граѓаните сега ќе имаат можност во делот на евтината тарифа, оние коишто најмногу штедат и да ги сетираат своите електрични апарати“, изјави Николовски во утринска програма на Слободен Печат.
Тој истакна дека не ретко се слушаат коментари дека пензионерите ќе имаат најголема корист од новите мерки за штедење на електричната енергија, но според него тие всушност и ја имаат создадено оваа држава и дадено придонес во неа, со што и го заслужуваат она што го добиваат денес.
- „Во периодот во којшто се наоѓаме, а тоа е зимскиот период, свесни сме дека сите трошоци се зголемени, свесни сме дека ако сакаме да го заштитиме стандардот, тогаш мораме да ги субвенционираме сите критични категории. Ние тоа го направивме, но од друга страна заради се она коешто го спроведовме во делот на енергетиката преку инвестициите, а тоа е веќе видливо со очи каде човекот и да се движи низ државата, сметам дека ќе се создаде можност преку стабилизирање на цената на електричната енергија да се усогласиме со препораките на Европската комисија за коишто во делот во којшто измина добивме и пофалби дека успешно сме изменаџирале“, потенцираше Николовски.
Николовски додаде дека зад нас останува година со сериозна енергетска криза во којашто успешно е докажано дека граѓаните треба да бидат сигурни и да им веруваат на институциите.
- „Ќе сумирам, се она што е спроведено во делот на енергетиката дава резултати, така и ќе продолжиме“, посочи директорот на Агенцијата за енергетика.
Во своето гостување во Утринската на Слободен печат, Николовски потенцираше дека енергетиката никако не треба да се меша со политиката, таа не познава политики и во одлуките нема политика и истите се со цел државата во енергетска смисла да се придвижи кон западноевропските држави.
- Обновливите извори на енергија не треба само да ги гледаме како стабилизирање на цената на струјата, туку треба да ги гледаме како чист извор на енергија затоа што сме свесни за загаденоста на воздухот. Овие обвновливи извори на енергија влијаат на заштита на животната средина“, заклучи Николовски.
Директорот на Агенцијата за енергетика, потенцираше и дека во споредба со 2022, во текот на изминатата година се бележи 150% е зголемен инсталираниот капацитет со обновливи извори на енергија.