Македонскиот пијанист, Симон Трпчески концертната сезона ќе ја продолжи на 13 јануари во салата „Рение Трети“ во Монте Карло, каде заедно со Хидан Мамудов, Александар Краповски, Александар Сомов и Влатко Нушев ќе ја изведе „Македанисимо“.
Трпчески, Краповски, Сомов, Мамудов и Нушев продолжуваат со претставувањето на проектот базиран врз традиционалната македонска музика, чии транскрипции, по идеја на Трпчески, ги потпишува нашиот истакнат композитор Панде Шахов.
Со овој настап македонскиот пијанист го продолжува своето гостување како резиденцијален артист на Филхармонискиот оркестар на Монте Карло, во чии рамки е предвидено да одржи четири концерти во тековната сезона 2023/24 година.
Првиот беше заедничката изведба на Вториот концерт за пијано и оркестар од Рахманинов во минатиот октомври, а по саботното гостување, како што информира „КултурОп“, остануваат уште две концертни вечери со различна програма до крајот на пролетта.
Инаку, по високите оценки од „Тајмс“ и „Грамофон“, пет ѕвездички за изведбата и одлична рецензија на новиот двоен албум снимен за британската етикета „Лин Рекордс“, каде Симон Трпчески повторно обединет со романскиот диригент Кристијан Мачелару и Симфонискиот оркестар на WDR од Келн, Германија, ги изведува двата концерта за пијано и оркестар од Јоханес Брамс, во своето издание за јануари 2024 година, објави престижниот „Би-би-си музички магазин“.
Деновиве, албумот на Трпчески, Мачелару и Симфонискиот оркестар на Западногерманското радио се најде и на листата кандидати за Германските дискографски награди на критиката во категоријата за најдобра концертна изведба.
Инаку, и во традиционалниот новогодишен избор за културни настани што ја одбележале минатата година на полето на културата во Србија, белградскиот дневен весник „Политика“ го вброи и декемврискиот концерт на македонскиот пијанист Симон Трпчески со Симфонискиот оркестар на Радио Телевизија Србија и диригентот Бојан Суѓиќ. Во изборот на Снежана Николајевиќ, меѓу другите, се и настапите на виолинистите Најџел Кенеди и Немања Радуловиќ, на пијанистот Борис Березовски, како и концертната сезона на Белградската филхармонија.