Од први јануари во Србија стапи во сила нов ценовник за користење на патните објекти низ Србија. Претпријатието „Патарина на Србија“ воведе нова пресметка на патарина, во која таксата по поминат километар се зголемува за 50 отсто за мостовите и вијадуктите, додека за тунелите зголемувањето ќе биде дури 100 отсто.
Дополнително, патарина се наплаќа и на новите делници на автопатот Моравски коридор, до привремената предна наплатна станица Кошеви, како и на автопатот Рума – Шабац.
Покрај зголемувањето на давачките, се воведуваат и попусти за одредени категории возачи. Користењето студентски картички носи попуст од два отсто, со пензионерските картички попустот е три отсто, додека сопствениците на електрични возила можат да добијат попуст од дури 10 отсто. Сепак, примената на овие попусти ќе биде овозможена само со користење на веб сервисот за електронска наплата.
Од ЈП „Патарина на Србија“ наведуваат дека ги ревидирале должините на патарините, што ќе влијае на одредени корекции на ценовникот за наплата.