Првото бебе утрово го посетија министерот за здравство, Фатмир Меџити и министерката Јованка Тренчевска, а домаќини беа директорката на ГАК, Викторија Јовановска и дежурниот лекар Горан Димитров.
По посетата на мајката и бебето Стефановски, тие рекоа:
-Здраво машко дете тешко 3.706 килограми и 52 сантиметри. Му посакувам многу здравје и безгрижно детство, а на родителите им упатувам искрени честитки за приновата во семејството, рече Меџити, а на прашањето што им посакува на здравствените работници додаде:
-Во петокот во една релаксирачка атмосфера при крај на работното време се кладев дека првото бебе ќе биде машко и се исполни и се исполни. Тоа значи дека дека ќе се исполнат желбите и на работниците. Ќе им посакам да веруваат во нас и во здравствените работници. Здравството заслужува да биде на ниво, додаде Меџити.
Министерката Тренчевска, пак, додаде:
-Бебето се вика Алек, им честитам на семејството Стефановски, со оглед дека тоа им е првата рожба во семејството, рече Тренчевска.
Директорката на ГАК, Викторија Јовановска додаде:
-Годината почна убаво, во првите 15 минути после полноќ се родени три бебиња, сите спонатани. Ова е добар знак дека годината ќе ни биде многу подобра од претходната и се надеваме дека ќе имаме повеќе здрави и доносени бебиња и повеќе среќни родители, рече директорката.
Докторот Горан Димитров, кој ноќеска го породи првото бебе дополни:
-На сите жени кои сакаат да се остварат како мајки да го следат примерот на оваа мајка, која долго чекала на бебе и еве желбата и се оствари во десетата секунда од новата година. На сите шест породени после полноќ им посакувам среќа. Повеќе машки се првите деца од новата година, рече д-р Димитров.