Владата не одобри општинска обврзница со која Општината Штип требаше да почне неколку капитални инвестиции. Сите што не беа почнати годинава, се планирани со општински пари од Буџетот за 2024 година. Градоначалникот Иван Јорданов, образложувајќи го Предлог – Буџетот за 2024 година рече дека ќе се реконструира Булеварот Партизанска и водоводната мрежа, најави три монтажни паркинзи и завршување на конзолите. Вкупниот буџет на општината изнесува 1,5 милијарди денари.
Планирани се средства и за реконструкција на крстосницата кај Бриони, спортскиот центар Џексон, за што ќе има пари и од централниот буџет, осветлување на коритото на реката Отиња, а велосипедската патека ќе се поврзе до центарот на градот. Ќе се гради и памп патека и нов парк на потегот меѓу населбите 8 Ноември, Баби и Сењак 4, ќе бидат завршени конзолите и водоводната и канализациската мрежа во Железничка, планиран е и водовод во Плуждино.
Планирана е реконструкција на сите улици во Ново Село, а ќе се реконструира и Бања Кежовица. Продолжува поддршката на учениците преку стипендирање и износот се удвојува. Продолжува субвенционирањето за јавен превоз за пензионерите и учениците. Спортските клубови и спортистите ќе добијат 19 милиони денари, а се предвидуваат и годишни стипендии за успешни спортисти, рече градоначалникот Иван Јорданов.
Не беше прифатен ниту еден од предложените амандмани од опозицијата. Советниците од СДСМ предложија од денеска усвоениот Буџет да се предвидат пари за затворање на отворениот канал на улицата „Васил Доганџиски“, субвенции за набавка на велосипеди и клима уреди за граѓаните, како и субвенции за пензионерите.
Градоначалникот Јорданов рече дека сите овие проекти се предвидени по програмите, без да прецизира во кои.