По јавно изнесени наводи за незаконска набавка на мазут од страна на АД ЕСМ Скопје за потребите на АД ТЕЦ Неготино, со цел рестартирање на овој субјект за производство на електрична енергија, Државната комисија за спречување на корупцијата иницира надлежните органи да ја испитаат набавката. Вредноста на вкупната набавка е околу седум милијарди и 500 илјади денари, или околу 212 милиони евра. Работејќи на овој предмет, ДКСК има сомнежи „кои укажуваат на монополско и непријателско здружување на пазарот на мазут во РСМ, со цел предизвикување пораст на неговата цена, а со тоа и растројство на пазарот на мазут во РСМ и пораст на цената на електричната енергија на штета на домашното стопанство, граѓаните и јавниот интерес на РСМ“.
На денешната редовна седница, членовите на ДКСК изнесоа дека набавката требало да ја изврши фирмата „РКМ ДОО Скопје“ (на Ратко Капушевски), при што била предвидена количина на мазут за која постои сомнеж дека истата не можела да биде испорачана за многу краток временски период.
„Требало да бидат набавени околу 195 илјади тони мазут. Дополнително, според јавно изнесените наводи, АД ЕСМ Скопје наводно извршил и продажба на ноќни вишоци на електрична енергија на една фирма по цена која била многу пониска од берзанската, според податоците и информациите на HUPEX. За наводите кои се однесуваат на сомнеж за незаконска продажба на ноќни вишоци на електрична енергија од страна на АД ЕСМ Скопје, ДКСК ќе одлучи со друга одлука кон предметот“, соопшти Комисијата.
По обемната работа со преглед на документи и извршените разговори, ДКСК утврдува дека во тендерската документација на ЕСМ не е барано економските оператори да го докажат техничкиот капацитет за испорака на мазутот; Договорите за набавка на мазут со фирмата РКМ ДОО Скопје се склучени во вредност која била пониска од понудената, за истата количина; Пробиени се финансиските планови за јавни набавки на ЕСМ; На првиот договор за набавка на мазут со РКМ склучен е анекс без да се утврди потребната количина и без да се утврдат ценовните и техничките услови на испорака, со што се овозможило за истата количина да се испорача мазут по повисока цена; На вториот договор за набавка на мазут со РКМ, кој иако бил истечен и без правна сила, склучен е анекс со цел да се исплатат дополнителни средства, без да се наведе испорака на дополнителна количина на мазут; Според сметководствената документација на АД ТЕЦ Неготино испорачаниот мазут од двата договори е со помала количина за околу 18.000 тони; РКМ набавил мазут во помала количина од онаа што била наведена како испорачана, прикажал помалку приход во билансите во споредба со договорите за испорака на мазут; Утврдени се состојби кои укажуваат на сомнежи за трговија по пат на инсајдерски информации на енергетскиот пазар, како и сомнежи за даночно затајување и ерозија на т.н. солидарен данок на добивка од страна на РКМ.
Поради овие наводи, ДКСК утврди состојби од кои произлегуваат сомнежи за несовесно работење, искористување и злоупотреба на службената положба и овластувања од страна на службени лица од министерството за економија, поранешен директор на ЕСМ и други службени лица од ЕСМ во својство на членови на комисија за спроведување набавка на мазут за потребите на ЕСМ / АД ТЕЦ Неготино. Иницијативата за поведување постапка, освен до Обвинителството ќе биде поднесена и до Финасиската полција, Владата и други институции.