Нова песна во Новата година „Не сум грешница“ е новата песна на Барбара, што ја потпишува Тони Апостоловиќ, алијас Tony Show, а снимена е во студиото на Драган Ристовски, кој е и продуцент на песната.
Станува збор за балада, женска песна полна со копнеж, која на Барбара веднаш и се допадна.
– Кога ја слушнав првата строфа: „Дали можам среќна да сум јас, душа боли немам глас, бара љубов, бара спас..,“ реков- тоа е тоа. Тоа сум јас и мојот живот испеан во една песна – вели таа.
За видео записот „Не сум грешница“ се погрижи продукцијата на авторот – Tony Show mk music кој и го режираше спотот. Спотот е работен на неколку локации во Скопје и во две цркви на Скопска Црна Гора: Св. Илија и Св. Троица. Во овој, слободно може да се нарече- проект учествуваше и инструменталистот Рикардо Хуна (кларинет) а пратечките вокали ги испеа Гога Вучиќ.
Бидејќи има убави спомени од учеството во регионално најпопуларното музичкото шоу „Никад није касно“, Барбара планира песната да ја промовира и во Србија а за тој пазар е направен аудио и видео запис на српски јазик.
Инаку, секое доаѓање во Македонија за Барбара е вистински празник, ја прави многу среќна дружбата со нејзините пријатели и драгите колеги.
-Живеам и работам во Швајцарија од 1988 година, во фирма за оптика. Но, песната, поточно музиката ме прави многу среќна. Додека работам на микроскоп, работниот ден го почнувам и завршувам слушајќи музика и на тој начин добивам поголем елан за работа.“
Музиката е тоа што ја движи, вели, целиот оптимизам што го има, доаѓа токму од песните. А најновата песна, „Не сум грешница“ ќе и биде движечки мотор за цела Нова 2024 година.