Државниот завод за ревизија изразува неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за лани, 2022 година, на ЈКП „Комуналец“ од Прилеп.
Според Државниот завод за ревизија, не е вршена ревизија ниту е издаден извештај за финансиските извештаи на јавното претпријатие за годините пред 2022. нема документи за право на сопственост за објекти доделени во 2004 година на Јавното претпријатие.
– За објектите кои со делбениот биланс од 2004 година се доделени на ЈКП „Комуналец“ и се воведени во сметководствена евиденција, заклучно со крајот на 2022 година. не се обезбедени документи за потврдување на правото на сопственост ниту се преземени мерки за утврдување на нивната пазарна вредност. За вложувањата во туѓи објекти од 2019 година не се пресметува амортизација, за материјалните средства во подготовка добиени со делбениот биланс од 2004 година, не е обезбедена документација, не е извршено вредносно усогласување на побарувањата по основ на собирање и транспортирање на комунален и други видови на неопасен отпад, ниту е извршена проценка на степенот на нивната наплатливост, стои во извештајот на Државниот завод за ревизија за прилепски „Комуналец“.
Во конечниот ревизорски извештај, меѓу другото, се констатира дека поради ненавремено подмирување на обврските на Јавното комунално претпријатие за надоместок за одржување на јавна чистота, се остварени помалку приходи во буџетот на Општина Прилеп во износ од 21 милион и 902 илјади денари.
-Исплатите на субвенции од општина Прилеп по основ на Програмата за одржување на јавната чистота, се вршат по потпишана ситуација на ЈКП, но без увид и контрола на извршените работи за одржување на парковите, зеленилото и јавните прометни површини, стои во Извештајот.
Прилепски „Комуналец“ се соочува со товар на трошоци што ќе влијае на работењето со набавка на половни возила – метларки кои никогаш не биле ставени во функција.
– Неизвесен е исходот за обврската на ЈКП по основ на нотарски платен налог за извршување според кој треба да исплати главен долг и камати што дополнително ќе влијае на резултатите од работењето на претпријатието или вкупно трошоци според извршна исправа во износ од 5 милиони и 972 илјади денари за набавка на половни возила – метларки кои никогаш не биле ставени во функција, стои во конечниот ревизорски извештај за прилепски „Комуналец“ за 2022 година.
Ревизорскиот извештај напоменува и за недонесена одлука од Советот на општина Прилеп за надоместок за управување со отпад во висина од 1 до 2 проценти од цената за извршена услуга за собирање и транспортирање на комуналниот отпад.