За три години наплатата од патарини е двојно повеќе и ако во 2020 години биле собрани 34 милиони евра, оваа година завршува со 62 милиони евра во касата на Јавното претпријатие за државни патишта. Директорот Ејуп Рустеми на презентацијата на резултати во полна сала се пофали дека неколку години наназад има континуиран пораст на приходите по основ на наплата на патарини, а годинава имаме 100 проценти зголемување на приходите од патарина за разлика од пред три години. -Како споредба, во 2020 година од наплатени средства по основ на наплата на патарина остварен е вкупен приход во висина од 34 милиони евра, во 2021 година од над 46 милиони евра, во 2022 година износот е веќе над 53 милиони евра и оваа година ќе ја завршиме со 62 милиони евра, рече Рустеми.
Но, за што се трошат овие пари? Во извештајот за сработеното стои дека се градат и обновуваат патиштата, вклучително и автопатот Кичево – Охрид, кој годинава навлезе во својата десетта година од изградба.
Рустеми рече дека проектите се одвиваат во повеќе години, додека од 2021 – 2023 година завршени и во фаза на реализација се околу 900 км патна мрежа.
-Од нив во овој период се изградени, реконструирани и рехабилитирани државни патишта во должина од 630 километри, од кои поголем дел од нив 40 години не беа ставени на дневен ред и кои беа во исклучително лоша состојба. При тоа, приоритет ни беа сите патишта коишто водат кон граничните премини. Во тек е изградба на 160 км автопатишта и 51 км експресни патишта, како и изградба и рехабилитација на 65 км регионални патишта со инвестициона вредност над 2 милјарди евра, кажа Рустеми.
За застојот на патот Кучево – Охрид и натамошната соработка со компанијата – изведувач Синохидро, директорот на ЈП ДП кажа дека веќе денеска на владина седница ќе се одлучува, по разгледувањето на извештајот на ФИДИК експертот, како и извештајот од Државниот завод за ревизија.
Рустеми за причината за децениската градба на автопатот се повика на ставот, на како што рече „експертската јавност и Државниот завод за ревизија, кои се согласни дека проектот Кичево-Охрид е резултат на лошо проектирање и стартување, односно типичен пример како не треба прерано да се почне со реализација на еден проект“.