„На парламентарните избори пак, победник ќе биде проевропската коалиција која ја предводи СДСМ, а јас ќе повторно премиер и ќе ја составам наредната проевропска Влада. Тоа ќе биде Владата која ќе го обезбеди членството на Северна Македонија на Европската Унија. Тоа е моето ветување“ рече премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „Цивил“.
Тој истакна дека е горд на постогнатото изминатите две години и дека во рамките на можностите и покрај глобалните околности, Владата направи многу.
„На почетокот на мојот мандат направивме историски исчекор и застанавме на страната на работниците со тоа што ја дефиниравме минималната плата на тогашни минимум 18.000 денари, со методологија за раст која се покажа за правилна одлука. И оваа придобивка ја почувствуваа многу семејства во земјата. Денес минималната плата е 20.175 денари, наредната година ќе продолжи да расте, затоа што решението е системско“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека просечната плата сега е 630 евра и ќе продолжи да расте, а системски се решија и пензиите.
„Пензионерите ги заштитивме и покажавме почит кон нив, затоа што тоа и го заслужуваат. Во неизборна година ја донесовме методологијата за раст на пензиите и тој проблем е веќе решен, и нема да зависи од волјата на ниту една Влада, и пензионерите веќе нема да се користат во предизборни цели“ рече Ковачевски.
Тој додаде дека енергетската трансформација на земјата започна во неговиот мандат за што е исклучително задоволен.
„И крајно, а многу важно за иднината на земјата, конечно по 17 години чекање, преку мудри одлуки, дијалог и дипломатија, Северна Македонија отпочна преговори со ЕУ и тоа со заштитен и потврден македонски јазик и идентитет и го почна и успешно го заврши скринингот. Ова е само доказ дека кога се сака, и кога се работи, успехот е неизбежен“ рече Ковачевски.
Премиерот Ковачевски додаде дека она на кое што треба да се посветиме дополнителн е борбата со корупцијата и вети дека тоа ќе биде фокус во наредниот мандат.
„Реформи на правосудниот систем со цел зголемување на ефикасноста, транспарентноста и отчетноста во тој сегмент, ќе е важен приоритет. Тука е планирана соработка со граѓанските организации и различни целни групи, со цел да обезбедиме широк општествен консензус по ова прашање, но и да се осигураме дека имплементацијата на тие политики ќе е брза и ефикасна“ рече Ковачевски.