Со Закон за јавниот сектор што неодамна го усвои Владата, се регулира постапката за вработување во институциите од јавниот сектор – образованието, здравството, администрацијата, локалната самоуправа, културата, судството, трудот и социјалната политика, транспортот и други. Со овие измени, како дел од реформата на јавната администрација, од 2025 година нема да биде можно вработување преку Агенции за привремено вработување, ниту раководното лице да биде привремено вработено. Овој начин на вработување стана доминантен начин на пополнување на работните места и во институциите од централната власт, но и по општините. Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу рече дека Донесена е одлука сите што се привремени вработувања да се најден начин да бидат префрлени и на овие луѓе да се трансформира работниот однос во постојан.
-Со новите закони од 2025 година нема да има можности за вработување преку агенција за привремени вработувања и затоа 2024 година е година на оптимизација на човечките капацитети сите институции според новите закони, рече Алиу.
На критиките дека ова се предизборни вработувања, министерот Алиу одговори дека огласите ќе бидат отворени за сите.
-Затоа не се донесе одлука истите вработени и истите луѓе да се префрлаат на неопределено време, туку процесот е отворен и може да конкурираат и луѓето кои се невработени или луѓе кои сакаат да бидат дел од таа институција, објасни Алиу.
Министерот рече дека станува голем проблем пополнувањето на местата во администрацијата поради пензионирање, заминување на кадрите на друга работа но и поради ниските плати.
Платите беа една од причините, но сега се дефинира рамка. Проблем на вработените надвор од Скопје реално, освен малата плата и трошење на патни трошоци. Со новиот закон од 2025 година ќе бидат покриени до 50 отсто патните трошоци и за тие од Скопје и надвор од Скопје, објасни Алиу.
Привремените вработувања се предмет на критика и од ЕУ, каде се оценува дека ова е механизам за вработување на партиски војници, идентично како и ДКСК, која оцени дека привремените вработувања се користат за партиско манипулирање.