Повеќе медиуми на албански јазик објавија реакции од социјални медиуми откако бил поставен крст на влезот на пазарот на стари работи во кумановско Којнаре. Во реакциите има прашање кој го поставил овој крст, како што го именуваат „гигантски“ на влез на пазарот и дали е поставен со дозвола и со чии пари. Друга реакција има за тоа зошто се поставува крст во мултиетничка средина и дали за поставувањето на крстот е гласано во Советот на општината.
Овие реакции доаѓаат во време кога се’ уште не стивнале духовите во Тетово, каде имаше повици за отстранување на 15-метарскиот крст до црквата во Попова Шапка.
Деновиве на социјалните мрежи се споделува повик на албански јазик за протест против крстот. Протестниот марш е закажан за 29 декември пред Општина Тетово. Засега нема официјални реакции.
ТВ 21 пренесе изјава на директорот на Општинскиот инспекторат Тетово Садат Сулејмани, дека донесено е решение за уривање на крстот во Попова Шапка. Сулејмани не потенцираше кога истото ќе се урне, бидејќи според него има 5000 објекти кои имаат решение за уривање.
„Има одлука за уривање на крстот. Испратено е до вас. Во Тетово имаме близу 5.000 објекти кои имаат решение за уривање, гледате дека се трудиме да работиме, ќе се урне кога ќе дојде ред“, изјавил Сулејмани.