Викендов, согласно информации на Центарот за управување со кризи (ЦУК), викендов полицијата имала успешна потрага по мало дете, а пожарникарите, заедно со докторите спасиле жена.
-Вчера, во 14:50 часот, на единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК е добиена пријава за исчезнато, односно изгубено 6-годишно дете кај плоштадот „Скендер Бег“ (Општина Чаир). Пријавител била мајката на детето и за истото известена е МВР, кои презеле итни мерки за пронаоѓање на детето. Околу 16:00 часот, детето е пронајдено од страна на полицајците од СВР Скопје, информираат од ЦУК и додаваат:
-Вчера, во Скопско во 12:22 часот на Единствениот број за итни повици Е-112 била добиена пријава за жена (пензионер) која изгубила свест при престој на врвот на планината Водно во правецот од Крстот кон Матка. Таа била дел од група на пензионери, коишто до врвот пристигнале од Средно Водно со жичницата. Веднаш била известени итната медицинска помош, но со возилото не можеле да се искачат до врвот, поради мраз и снег на некои осојни места. Докторот од ИМП побара помош од дежурните во Секторот за операции и координација на ЦУК, по што веднаш биле известени лицата од спасителната станица на Црвениот Крст на Водно. Тие тргнале со возило, но и тие не можеле да го поминат критичното место, осој, каде што имало мраз на стрмниот пат. Едно лице од спасителната станица тргнало да оди пешки кон врвот и ја лоцирал жената. Во меѓувреме биле известени и пожарникарите од Бригадата за противпожарна заштита БППЗ на Град Скопје, кои итно и додека траеле претходните дејства, дошле со теренско возило. Пожарникарите, заедно со докторот успеале да пристигнат до местото каде што била жената. Таа била прво освестена, па иако веќе била свесна, ја згрижиле согласно медицинските и спасителни можни мерки во случајот и со жичница ја спуштиле до Средно Водно, од каде со возилото на Итна медицинска помош е префрлена во ГОБ „8ми Септември“, информираат од ЦУК.