„Земјоделците за прв пат досега, добиваат авансна исплата на субвенциите, по програми за тековна година, согласно новиот модел на субвенционирање што го воведе Владата. Односно, сите 40.000 земјоделци кои се стекнале со право за субвенции, ќе добијат авансна исплата на 30 проценти од субвенциите, исто така до крајот на овој месец“ вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „Цивил“.
Тој додаде дека освен за земјоделците, Владата го цени и трудот на работниците во приватниот сектор, па со новиот пакет на антикризни мерки се обезбедува и поддршка за поголеми плати.
„Со мерката за зголемување на платите во вработените во приватните компании, отвораме можност за покачување на платите од 3.000 до 9.000 денари“ рече Ковачевски.
Премиерот истакна дека тука се и мерките за компаниите со кои се зајакнува приватниот сектор и се ублажуваат последиците од економската криза.
„Сметам дека ова е вистинска грижа за секој граѓанин, за компаниите, за економијата, за државата да оди напред. И кога повторувам дека некој нема да биде оставен сам, мислам токму на овие мерки, политики и факти, и до ден денес се придржувам до тоа што го кажав на првиот ден од преземање на позицијата претседател на Влада. Овие мерки не се само празни зборови на хартија, туку реални мерки кои се реализираат и даваат резултати“ рече Ковачевски во интервјуто за „Цивил“.