Министерството за внатрешни работи апелира до партијата ВМРО-ДПМНЕ да престане да пласира лаги, чија цел е, како што велат, дискредитирање на полицијата.
„И денеска, преку соопштение пласираат лаги за наводна поврзаност на МВР со бегство на лицето Наим Самиу, иако надлежен за определување мерка притвор е единствено – судот.
Наместо да шират лаги за МВР, упатувајќи небулозни прашања на погрешна адреса, прашањата да ги упатат до надлежниот суд. А фактите говорат дека полицијата постапи по сѐ што е донесено како одлука од судот.
Токму по поднесена кривична пријава од страна на СВР Тетово на 16 август 2023 година, на Самиу му бил определен активен притвор, а на 29 септември 2023 година од страна на Основниот суд Тетово мерката активен му е заменета со мерка куќен притвор. Покрај ова, ја известуваме јавноста дека против Самиу досега се поднесени 15 кривични пријави за вкупно 30 кривични дела, потоа 4 прекршочни пријави, како и едно писмено известување до ОЈО Тетово. Уште еден доказ кој ги демантира лагите на ВМРО-ДПМНЕ.
Апелираме до партијата ВМРО-ДПМНЕ да престанат да шират лаги. За работењето на МВР сведочат резултатите, намалениот криминалитет и големата доверба која полицијата ја има кај граѓаните“, велат од МВР