Кога православните христијани ќе го слават Христовото раѓање на седми јануари, малиот Војдан од Скопје ќе замине заедно со неговите родители за Загреб.
Марија и Бојан Спасовски секој месец го носат своето синче во главниот град на Хрватска, во надеж дека третманите кои ги добива таму во приватна поликлиника, ќе ја подобрат неговата здравствена состојба. Војдан за еден месец ќе полни три години и има церебрална парализа, што е сериозен предизвик во неговото детство. Семејството веќе два пати успеа да собере средства за третманите на Војдан, благодарение на донациите од хуманите граѓани.
Со оглед дека не се работи за болест која бара операција, туку за состојба, Фондот за здравство не ги покрива трошоците.
Сега родителите на ова момченце повторно апелираат до хуманите граѓани да им помогнат, бидејќи како што велат, ефектите од третманите веќе се чувствуваат.
„Ситуацијата на Војдан сите мислат дека е некоја операција или болест која се лекува краткотрајно, но всушност не се работи за болест туку состојба. Тоа е церебрална парализа, така што тој и да почне да оди, рехабилитацијата треба да продолжи понатаму. Веќе трета година сме во Загреб, го носиме секој месец и таму остануваме од седум до десет дена. Сега бевме во ноември три недели таму. Неговата состојба е премногу подобрена, премногу зборува, моторички е многу подобар од што беше. Не би престанале да одиме доколку собереме средства за да ги продолжиме неговите третмани“, вели мајката на Војдан за ММС.
Таа пред една година ја раскажа животната приказна на својот мал борец, а сега објасни какви се придобивките од третманите во Загреб, каде меѓу другото, има физикална терапија и дефектолошки третмани.
„Тој веќе пробува сам да се крене да седне, подобро ја држи главата во однос на претходно, вилицата му е затегната. Со рачињата почна да фаќа, а претходно немаше желба да посегне ниту по играчка ниту по било што. Сега сам си фаќа, си држи во раче предмети“, раскажа Марија.
Во моментот таа користи боледување, односно е ослободена од работа додека детето да наполни три години. Сепак, за еден месец кога Војдан ќе го прослави третиот роденден, семејството ќе се соочи со нов предизвик.
„Пробуваме да се организираме за чување во некој од државните центри, но таму чувањето е од еден до четири саати. Дома ќе го чуваат баба му и дедо му, но сакаме да најдеме и физиотерапевт кој ќе го вежба. Но и тој физиотерапевт јас треба да го платам приватно, затоа што баба му и дедо му не можат да го вежбаат така“, вели Марија.
Како што ММС и претходно објави, семејството доби финансиска поддршка и благодарение на јутјуберот Стефан Лазаров кој токму на Спасовски им ги донираше средствата кои беа собрани за Кико од Штип.
Марија вели дека сумата од безмалку илјада евра им била од големо значење, но за да продолжат третманите на Војдан во текот на цела 2024 година, ќе бидат потребни околу 28.000 евра.
-Тој имаше голем напредок сега и ни кажаа да останеме повеќе, па така и за понатаму. Може во било кое време да ни кажат останете и цел месец, па и повеќе. Инаку, го носиме во приватна поликлиника за рехабилитација, таму одиме на физикална терапија и дефектолошки третмани, но оди и на пливање со приватен тренер кој работи со деца со потешкотии во развојот. Оди и на јавање во „Дон Кихот“, тоа е исто друго место каде што прави вежби и навистина видовме одлични резултати – додава Марија.
Таа споделува дека веќе закажала консултација со доктор од Турција за да ја разгледаат можноста за третман со матични клетки, но и тоа ќе претставува потешкотија за семејството од финансиски аспект.
Дури и за матичните клетки се кочиме поради финансиите, бидејќи ние дадовме сѐ што имавме цела фамилија, кредити и сѐ. Ако не се хуманите граѓани не би го продолжиле лекувањето на Војдан – истакна Марија.
За својот мал јунак вели дека е „чудо од дете“, а неговата насмевка ги турка напред и нејзе и сопругот да се борат за подобро утре.
„Тој е насмеан цело време, многу е позитивен и не можам да ви опишам колкава сила тоа ни дава на нас како родители да продолжиме да се бориме. Се надевам дека еден ден ќе успееме и ќе бидеме победници“, посочи Марија.
Додека траел претходниот апел за помош вели таа, еден господин се понудил и им подарил кученце. Токму кученцето кое го добило името Кики сега е најдобар другар на Војдан.
„Војдан моментално е заљубен во кучето и цело време е со него, ептен се радува и таа среќа не се опишува. Кога сме во Хрватска тој плаче по Кики, така се вика кучето. Толку е поврзан со неа и не можам да опишам. Тој со кучето почна да се врти во неговиот напредок, не се вртеше претходно од грб на стомак. Бара да го качам кучето на кревет, да си играат и навистина е пресреќен. Сега со него почна да се врти и многу сме среќни, кучето го чуваме како наше второ дете“, додава Марија.
За крај, таа апелира секој кој е во можност да им помогне за Војдан да ги продолжи третманите и секој следен празник да го слави поспокојно.
Како изгледала битката за живот на ова мало момче уште од неговото раѓање, прочитајте во продолжение, во првото интервју на Марија за ММС.
Вања Мицевска