Во Суперкомпјутерскиот центар во шпанскиот град Барселона беше промовиран најновиот европски суперкомпјутер „МареНострум 5“, кој е рангиран меѓу десетте најмоќни компјутери во светот и се смета за „најзелен“ во Европа поради неговата високо енергетска ефикасност и целосното напојување со енергија од обновливи извори.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, „МареНострум 5“ ќе им биде достапен за користење на научните и индустриските кругови од март 2024 година, а топлината што ја создава ќе се употребува за загревање на зградата во која што е сместен.
„МареНострум 5“ е еден од најиновативните суперкомпјутерски системи во светот, специјално дизајниран да решава сложени научни проблеми и е со перформанси од 314 Петафлопи или 314 милиони милијарди пресметки во секунда.
Тој ќе може да се користи во европските медицински истражувања за поддршка на развојот на лекови и вакцини, за симулации за ширење на вируси, како и за проучување на климата, инженерство, материјалите и планетата Земја.
Суперкомпјутерот ќе придонесе и за подобрување на други европски иницијативи, како што е „Дестинација Земја“, која има за цел да развие високо прецизен дигитален модел на Земјата на глобално ниво или „Виртуелениот човечки близнак“, која треба да им помогне на научниците подобро да го разберат човечкиот организам и да придонесе за подобра здравствена заштита и персонализирана медицина.
„МареНострум 5“ ги користи најнапредните чипови за забрзување на денешницата, што ќе му помогне да ги задоволи потребите на новите платформи за вештачка интелигенција и да ги подобри перформансите на европските системи.
Производството и одржувањето на новиот суперкомпјутер претставува инвестиција вредна над 151 милиони евра, од кои 50 проценти ги обезбеди ЕУ, а останатите 50 отсто конзорциум предводен од Шпанија, во кој се вклучени и Португалија и Турција.