Политичката партија Левица поднесе претставка за вршење вонреден инспекциски надзор до Државниот просветен инспекторат, а во однос на работењето на вд директорката во ООУ „Браќа Миладиновци” – Струга.
Претходно, Левица обзнани скандалозни фотографии во училиштето, каде ученици и наставници се сликани со карти од голема Албанија, што претставува, како што вели партијата, отворен иредентизам и ширење на меѓуетничка омраза.
„Ваквото однесување не доликува за една образовна институција во државата и е во спротивност со чл. 9 од Законот за основно образование. Левица и претходно побара итно разрешување на вд директорката, за која постојат и сомнежи дека е незаконски назначена од страна на градоначалникот Рамиз Мерко.
Неказнивоста на функционерите на ДУИ доведе до секојдневно непочитување на законските прописи и ескалира до степен на ширење великоалбански идеи во образовни институции – скандал кој не се толерира во ниту една европска држава!
Левица ќе ги искористи сите механизми кои ги има на располагање, со цел ваквото непочитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија најстрого да биде санкционирано“, се вели во реакцијата на Левица.