Не постојат лажни вести, или се вести или се лаги, рече во денешното гостување на утринската програма на Слободен Печат, комуникологот Живко Андревски.
- Нема лажна вест, ако е вест, можеме да разговараме дали е професионално компонирана, дали соодветствува на фактите. Ако е лага, тогаш е производ на фикција. За лагите и дезинформациите на медиумите нема лек. Може само да се намалува нивното дејство и присуство“, вели професор доктор Живко Андревски за „Слободен печат“.
Препорачува гледачите интелектуално да ги обработуваат вестите и информациите што ги добиваат, да видат дали тие се можни и точни и што им недостига.
- „Дезинформации ќе си постојат исто како што постојат пеналите во фудбалот, пенал постои и кога се игра во финале на Светско фудбалско првенство, пенал постои на Лига на шампиони. Проблемот е ако може општеството, а мора да може да бара начини што е можно помало да биде влијанието на дезинформациите во општеството и да влијае врз помалку битни процеси во општеството“, заклучи Андревски.
Андревски дополнително додава и дека гледачите треба да бараат логичко постоење на вистина од која произлегува некоја вест и да се информираат од повеќе медиуми за да можат да ја доловат вистината и да не земаат се здраво за готово.