Сопствениците на миленици се снаоѓаат како знаат и умеат за да ги закопаат откако ќе починат. Кога ќе ги загубат милениците кои биле како дел од семејството, сопствениците се кријат за да ги закопаат затоа што тоа сѐ уште е нелегално.
Ваквиот проблем кој се провлекува со години наназад ќе беше решен барем во главниот град, доколку се реализираше предизборното ветување дадено во 2021-та година. Токму тогаш во програмата „За модерно Скопје“, сегашната градоначалничка Данела Арсовска вети грижа за погребување домашни миленици.
Во „Новиот зелен план“ кој ги сумираше предвидените проекти од петтата клучна област во програмата, Арсовска вети дека ќе биде обезбедена и уредена локација за погребување на домашни миленичиња во соработка со здруженијата за заштита и грижа на домашни миленичиња.
Закопувањето на милениците – емоционален, но и еколошки проблем
Додека се чека на реализација на ваквиот проект, закопувањето на милениците сѐ уште претставува како емоционален, така и еколошки проблем. Од Град Скопје меѓутоа, не одговорија на нашето прашање дали веќе е обезбедена локација и доколку да, каде се наоѓа таа.
И овој пат, од одделението за односи со јавност го задржаа нетранспарентниот однос со јавноста, па не одговорија и на останатите прашања. Односно нема информација дали Арсовска веќе дискутирала со граѓанските организации за да се земат предвид и нивните мислења, како што „сугерираше“ и она што беше наведено во програмата со која таа се стремеше да добие глас повеќе.
Коментирајќи го ваквото најавено, а неостварено ветување, активистката Магдалена Чапаровска, вели дека во нејзината меморија, бледи се политичките ветувања кога делата изостануваат.
„Институциите и одговорните се онакви какви што се, но тоа не треба да нѐ обесхрабрува. Свеста е нешто што постепено, макотрпно и долго се обликува, а како индивидуи или групи сите ние имаме голем удел во процесот. Ние, љубителите на животни и сопствениците на миленици сме една поширока групација каде нема поделби ниту по етичка, ниту по партиска или било каква друга линија. Она што нѐ води е бескрајната љубов кон животните, а токму тоа, освен нашата бројност нѐ прави и многу моќни“, вели нашата соговорничка.
Чапаровска е оптимист дека во иднина сѐ повеќе властите ќе се трудат да излезат во пресрет, да ги задоволат потребите и на љубителите на животни, но и на нивните миленици.
„Наше е да останеме упорни и да не се плашиме да сме погласни“, вели Чапаровска, која е дел од граѓанската иницијатива за спасување и вдомување на бездомни животни Хепи Тејлс Јунајтед.
А додека да се разбуди свеста кај властите, па и нивната волја, Чапаровска вели дека обезбедувањето локација за закопување на милениците ќе значи многу од емотивен, но и од прагматичен и еколошки аспект.
„Иако немаме точни податоци за бројката на милениците на територијава, бидејќи не сите се чипирани и внесени во системот, сепак од статистики кои датираат од 2019 имаме барем 12.000 – 15.000 од кои најголем број се кучиња. Скоро четири години подоцна, верувам оваа бројка е уште поголема. Свеста е разбудена кај голем дел од граѓаните и сѐ побројни се оние сопственици кои миленикот го чуваат посветено и правилно од почетокот до самиот крај. Со самото тоа и справувањето со оваа проблематика, веројатно навлегува во фаза во која е неопходно да се реши или барем актуелизира“, смета Чапаровска.
Според неа, освен гробиштата за миленици, претпријатие за кремирање е уште една опција вредна да се разгледа. Таа нагласува дека ретки се оние кои можат да ги закопаат милениците во својот двор, а повеќето за оваа цел ги одбираат перифериите на градот или некаде во природа.
„Еден таков пример е Водно. Закопувањето во природа во неконтролирана територија може да доведе до еколошка опасност. Затоа, гробницата за миленици или претпријатието за кремирање би ги намалиле сите ризици и опасности кои можат да се случат при закопување мрша на јавни површини. Се надевам од овие причини (ако не поради емотивните) локалните власти ќе почнат посериозно да ја третираат оваа тема“, порачува активистката.
Во недостиг на официјални информации од Град Скопје, се обративме до Јавното претпријатие „Лајка“ и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Од ЈП „Лајка“ велат дека долги години се чувствува потребата од законско уредување и можност на соодветен и достоинствен начин сопствениците да ги испратат милениците од овој свет. Во кусиот одговор до ММС, од ова јавно претпријатие за третман на улични кучиња, потенцираат дека се заложуваат за законски издржано решение со цел да се овозможи решавање на проблемот.
Од „Лајка“ не одговорија дали имале или дијалог со градските власти на оваа тема. Од таму сметаат дека Собранието е тоа кое треба да го адресира и реши овој проблем преку измени на Законот за гробишта, или преку изработка на ново законско решение само за гробишта на домашни миленици.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство пак, велат дека досега до нив не е поднесена никаква иницијатива за отворање гробишта за миленици. Сепак, самата Агенција поднела иницијатива до Владата за решавање и на проблемот со нештетно отстранување на лешеви од животни преку доставување на предлог за изградба на кафилерија.
Од таму објаснуваат дека во моментот, обврската за обезбедување место или објекти за нештетно отстранување на лешови од угинати домашни миленици, ја има локалната самоуправа (општината), односно Градот Скопје во кој административно спаѓаат 10 општини.
-Нештетното отстранување на лешот од умреното домашно милениче е обврска на сопственикот. Тој треба да пријави кај матичниот ветеринар дека животното кое го одгледува е угинато. Во случај на сомнеж на заразна болест (беснило на пример) до официјалниот ветеринарен инспектор и матичниот ветеринар сопственикот треба да пријави дека миленикот угинал и дека постои сомнеж за заразна болест. Врз основа на пријавата тие ќе постапат по службена должност и ќе преземат соодветни мерки, вклучително и мерки за нештетно отстранување на лешовите – велат од АХВ.
Од оваа Агенција посочуваат дека еутанизираните домашни миленици, ветеринарните друштва имаат обврска нештетно да ги отстранат во јама – гробница која е во надлежност на општината (во случај на Скопје, во јамата гробница во Дрисла), освен кога се работи за случај на сомнеж или потврда на болест.
Грижата за погребување на домашните миленици е само дел од ветувањата кои Арсовска ѝ ги презентираше на јавноста во пресрет на последните локални избори. Сепак, и за ова недостигаат информации од Градот дали воопшто е отпочнато да се работи на решавање на ова прашање, сосема спротивно од транспарентноста и отчетноста наведени како едни од клучните принципи на работењето на Арсовска како градоначалник на Скопје.
Вања Мицевска
Со овој текст ММС.мк се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада.