Одвај две недели откако беа поставени, новите контејнери за собирање на електронски отпад веќе се оштетени. Зелените контејнери на „Нула отпад“ поставени под градскиот пазар од Штип утрината се најдени насилно отворени во делот каде се собира отпадот. Непознати сторители со сила успеале да го отворат долниот дел на контејнерот, додека катанецот останал неоштетен.
Борче Везенковски од Општина Штип, беше изненаден дека така брзо се оштетени контејнерите, кои пред само две недели беа поставени на 11 локации во Штип.
-Овие контејнери се наменети за собирање стара техника, тонери, телефони, фенови, мискери и слично, а во посебен дел има простор за батерии. Нема ништо вредно внатре, изјави Везенковски.
Специјализираните контејнери се сосема нови и се’ уште не е почната поголема кампања за промоција на собирањето на електронскиот отпад. Компанијата што ги постави во соработка со општината, се’ уште ги нема отворено од поставувањето.
Вандализирањето на специјализираните контејнери не е карактеристично само за Штип. На пример во Прилеп пред некое време се вандализирани неколку вакви контејнери, а однесен е безвреден електронски отпад. Биле оставени неколку тонери, кои можат да бидат рециклирани.