Главниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, денеска изјави дека се испитуваат материјалните докази во врска со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, и, како што рече „материјалните докази зборуваат со истиот јазик со кој што зборуваа и осомничените“.
– Во однос на фактите што произлегуваат од целокупниот доказен материјал конечно ќе се произнесеме со обвинение. Истрагата во однос на дејствијата е на тоа ниво на кое што ви кажав и минатиот пат. Се испитуваат материјалните докази и тие зборуваат со истиот јазик со којшто зборуваа и осомничените, изјави обвинителот.
Тој информираше дека се анализираат материјалните докази и се прави целосна ретроспектива на сето тоа што се случувало.
– Тоа ќе биде предмет на описот на обвинителен акт, рече Бубевски.
Во однос на постапката за екстрадиција на првоосомничениот Љупчо Палевски, кој беше упасен во Турција, Бубевски рече дека ОЈО Скопје ги има доставено сите потребни работи за екстрадицијата.
По една недела од истрагата за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, во случајот остануваат шестмина осомничени. Првоосомничениот за две кривични дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ , Љупчо Палевски – Палчо, во моментов е во притвор во Турција и се чека на неговата екстрадиција. За истите дела се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје, а во притвор се и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи помагал во грабнувањето со тоа што, како што соопштија своевремено надлежните, споделувал информации со останатите осомничени за движењето на неговата ќерка, и Стефан Димковски, возачот кој го возел од Србија до Турција првоосомничениот Палчо.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.
МИА