Дванаесет дена пред исчезнувањето на убиената Вања Ѓорчевска (14), провоосомничениот Љупчо Палевски поднел граѓанска иницијатива со Собранието на РСМ за собирање потписи за распишување референдум. На листата на потпишани се и сега двајцата осомничени за двојното убиство, велешаните Боре Видоевски и Велибор Манев од неговата партија Десна, кои сега се во притвор. Иницијативата веќе е разгледана во Комисијата за политички систем и на 22 декември ќе се разгледува на пленарна седница. Во меѓувреме, гласни се барањата за забрана на партијата Десна.
Љупчо Палевски, како лидер на политичка партија имал конкретни планови за кампања на седум месеци пред парламентарните избори. Со поддршка на 248 граѓани и нивните потписи, Палевски во Собранието на 15 ноември, поднел иницијатива за собирање на 150.000 потписи за распишување на задолжителен дополнителен референдум на државно ниво за целата територија.
„Дали сте за Договорот помеѓу Република Македонија и Република Бугарија склучен на 1 август 2017 година?“ – е прашањето за референдумот што го предлага Палевски. Граѓаните се изјаснуваат со „За“ или „Против“.
Иницијативата се повикува на Уставот и Законот за референдум, кои овозможуваат распишување на референдум преку собирање на потписи за непосредно изјаснување на граѓаните. „Уставот не дозволува Собранието да одлучува или да проценува дали треба или не да се распише референдум туку едноставно е обврзано да го распише референдумот за предлог- прашањето, за кое се собрани 150.000 потписи“ – иницијативата ја цитира одлуката на Уставниот суд од 13 септември 2006 година, како аргумент.
Двајцата од осомничените за убиството на Вања се потпишале на иницијативата
Како поддршка на иницијативата се потпишани 248 граѓани. Најмногу има од Скопје – 68, потпишани се и 52 битолчани, 51 потпис има од Штип, 47 од Велес, 29 од Охрид и само еден од Тетово. На листата на потпишани и заверени од канцеларијата на Државната изборна комисија во Велес се и велешаните Боре Видоевски и Велибор Манев, кои сега се во притвор, како осомничени за грабнување и убиството на Вања и велешанецот Панче Жежовски.
Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на Собранието на РСМ на 17 ноември, ја разгледала и отфрлила оваа иницијатива како неуредна. Ова, како што стои во мислењето до седницата на Комисијата потпишано од претседателката Соња Мираковска, е од причина што насловот на Договорот кој што е содржан во прашањето е неточен, односно непрецизен.
-Имено, Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 15 јануари 2018 година, донесе Закон за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, а прашањето за кое се предлага граѓанска иницијатива за распишување на задолжителен дополнителен референдум на државно ниво за целата територија на Република Северна Македонија гласи: „Дали сте за Договорот помеѓу Република Македонија и Република Бугарија склучен на 1 август 2017 година?“.
Точката со иницијативата и мислењето од Комисијата ќе се разгледува на пленарна седница на Собранието закажана за 22 декември.
По гласањето во Комисијата, партијата Десна на својата фан страна објави , како што пишува „примирје со Левица“.
„Она што лично денес ми беше потврдено, посредно секако е фактот дека ЛЕВИЦА со гласање ја подржала мојата иницијатива за референдум, по што донесовме одлука дека расправиите, конкретно недоразбирањата помеѓу ДЕСНА и ЛЕВИЦА се ставаат на страна“, пишува во објавата. Исто така се најавува дека се очекува гласањето на пленарна седница за иницијативата за референдум.
„После која ќе се разбистрат лагите на такозвана опозиција со додавка ДПШНЕ. Многу е важно принципиелно која е нивната позиција околу договорот со БУГАРИЈА, затоа што барем формално се изјаснуваа дека се против овој нацистички ДОГОВОР“, следи понатаму во објавата на Десна.
Забрана на партијата Десна
Партијата Десна е формирана пред една година. Јавни се ставовите на лидерот Палевски и неговите сопартијци и приврзаници за Договорот со Бугарија и Грција. Со движењето „Бојкотирам“, Палевски имаше и жестока кампања против Референдумот во 2018 година.
Во анализата на Институтот за медиуми и аналитика ИМА од Скопје, се потсетува на систематски организираната кампања на прорускиот камп „Македонија бојкотира“ беше предводена од политичари и агитатори обучувани од руски пропагандисти блиски на Путин.
„Пропагандните кампањи со хаштагот #Бојкотирам создаваа поларизација на „патриоти“ и „предавници“, го радикализираа политичкиот дискурс и поттикнуваа негативни чувства и омраза кон „предавниците“. Кампањите со дезинформации и конспирации што предизвикуваа страв, недоверба, несигурност и поттикнуваа непријателство и говор на омраза, се покажаа како моќно оружје – за пасивизација на гласачите, за поткопување на референдумот како демократски процес и за зајакнување на недовербата кон ЕУ и НАТО во Македонија“, пишува во Анализата.
Палевски беше дел од подкаст на интернет, каде во изданието од 11 ноември 2022 година вели:
„Оваа држава треба да се запали, да не постои“, изјави Палевски во емисијата. Во ваквите гостувања, Палевски употребуваше голема доза на говор на омраза, тешки навреди, непримерен речник па и закани, оцрнувајќи повеќе јавни личности, новинари и политичари.
По двојното убиство, зачестија повиците за забрана на работата на партијата Десна, односно нејзина дерегистрација. Партијата ВМРО ДПМНЕ обвини дека Десна спроведувала валкана кампања кон нив, со ширење лажни вести и говор на омраза, додека власта за цело време не реагира.
„Тоа што Палевски со години не е санкциониран, иако повикувал на јавни линчувања и навредувал, е доказ дека бил заштитен од врвот на власта. Палевски и неговата банда повикуваа на тепање на луѓе и сето тоа со години поминуваше неказнето“, реагираа од ВМРО ДПМНЕ.
Дерегистрација на партијата побара и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
– Вакво криминално гнездо, како што е направено, мора да се разбие до крај. И такви политички партии кои со, не знам какви проминенции тоа го прават, како што е оваа, таа мора да биде дерегистрирана. Не знаеме лицето и таа партија какви ставови застапуваат? Не знаеме кои беа и што правеа во изминатиот период? Не знаеме за неговите емисии во коишто директно се спротивставуваа на напредокот на државата? На тие мислам“, одговори Спасовски на новинарско прашање.
Разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост – причина за дерегистрација
Според Законот за политички партии, Обвинителството може да поднесе предлог за поведување постапка за бришење на политичка партија пред Судот, кој може да донесе решение со кое се одбива предлогот на јавниот обвинител или може да донесе решение за бришење на политичката партија од Судскиот регистар.
Основа за бришење може да биде и Статутот и дејствувањето на политичката партија насочено кон насилно уривање на уставниот поредок, поттикнување или повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.
Партија се дерегистрира доколку Уставниот суд утврди дека програмата или статутот на политичката партија не се во согласност со Уставот.
До сега не се случило да се забрани работа на политичка партија, иако имало иницијативи. Меѓудругите иницијативи, ВМРО-Народна партија лани во април побара од Министерството за правда да ги идентифицира политичките партии кои веќе се имаат повикано на континуитетот на Ванчо Михајлов и да се поведе постапка за нивна забрана во Македонија.
Партијата Десна по двојното убиство соопшти дека го замрзнува членството на Палевски и осомничените до утврдување на нивната вина и најстрого да бидат казнети. Но, упати и апел „да се почитува уставно загарантираната Пресумпција на невиност на осомничените и обвинетите, додека не се докаже спротивното“.
фото: ФБ
В.К.