Пронајдени се два пиштола во текот на истрагата, соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на синоќешната прес-конференција, но додаде и дека сé уште не се проверени дали станува збор за оружјата со кои се извршени убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.
На прашањето дали се направени парафински ракавици на осомничените, рече дека сите истражни дејствија кои треба да се преземат ќе се направат и за сите има рок кога ќе се направат.
Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, вчера беше уапсен во Турција, а за останатите четворица осомничени судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје определи мерка притвор од 30 дена по барање на Јавното обвинителство кое отвори истражна постапка за две убиства на свиреп начин по кривичната пријава добиена од Министерството за внатрешни работи.
Ова се дел од последните информации кои вчера ги соопштија надлежните во врска со убиствата на малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.